Bojana Stojanovic
04 Мај 2018•Ажурирај: 05 Мај 2018
БЕЛГРАД (АА) - „Србија има многу заеднички теми со Турција, од политички до економски, како и фактот дека Турците се најбројната нација во областа на туризмот и затоа сакаме да се зголеми тој број“, изјави денеска претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред посетата на Турција закажана за 7 мај, јавува Anadolu agency (AA).
„Обично, граѓаните на Србија, кога се состанувате со некој од лидерите, претежно тоа не ги интересира, но сакаат да видат резултати. Благодарение на Турција, имаме фабрики од Владичин Хан до Крупањ, а наскоро и во Мали Зворник ќе има фабрика со околу 300 вработени“, рече Вучиќ.
Тој рече дека поради Договорот за слободна трговија со Турција извозот на говедско месо се зголемил за 22 или 23 отсто.
„Тоа отвора нови можности во иднина... Имаме многу заеднички теми со Турција, од политички до економски, како и фактот дека Турците ни се најбројна нација во областа на туризмот и затоа сакаме да се зголеми тој број“, додаде Вучиќ.
На прашањето што очекува од средбата со рускиот претседател Владимир Путин на 8 мај, кога ќе престојува во Русија, Вучиќ изјави дека е голема чест во името на Србија да биде присутен на „победата над фашизмот“, и дека освен разговорите за билатералната соработка, се очекува растот на трговската размена да продолжи, а воедно ќе се дискутира и за други важни политички прашања.
По повод иницијативата на Велика Британија, седниците на Советот за безбедност на Обединетите нации за Косово да бидат затворени за јавноста, претседателот на Србија истакна дека „тоа се обидуваат и Британците и Американците и Французите и сите оние што ја признаа независноста на Косово уште одамна“.
„Од нивна гледна точка, работата се заврши тогаш, но нашата позиција не е лесна, ќе продолжиме да се бориме“, рече Вучиќ.
Тој рече дека пред Србија е период во следните неколку месеци кој ќе биде одлучувачки и тежок за Србија и за нејзиниот народ, велејќи дека очекува значителен притисок, но и дека има обиди да се постигне компромисно решение.
„Сигурен сум дека ќе донесеме одлуки најдобри за иднината на нашата земја, но и дека ќе успееме да ги заштитиме нашите национални интереси. Русите ни помагаа претходно два пати, очекувам отворена руска поддршка, ние се бориме колку што можеме, луѓето мора да го разберат тоа“, додаде Вучиќ.
Тој објасни дека „во оваа невозможна атмосфера каде што се очекува сè, а немате речиси ништо, во рингот со фластери и одвај подвижни нозе мора да се борите против најмоќните во светот“.
„Кога работите во такви услови, ваше е да се борите за вашата земја", рече Вучиќ.