Besar Ademi
28 Ноември 2018•Ажурирај: 28 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - По повод Денот на албанското знаме, под покровителство на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денес се одржа свечена академија којашто традиционално се одржува на 28 ноември, јавува Anadolu Agency (AA).
На свечената академија присуствуваа заменици-премиери, министри и претставници на локалната власт, претставници на дипломатскиот кор на Албанија и Косово во Македонија, како и други поканети гости.
Лидерот на ДУИ, Ахмети, во своето обраќање се осврна на историјата на Албанците и на успесите на Албанците на Балканот во последните години.
Според Ахмети, Албанците на Балканот денес се во ситуација во која треба повеќе да работат, бидејќи, како што рече тој, процесите во овој регион сè уште не се целосно завршени.
Ахмети зборуваше и за успесите на Албанците во Македонија, споменувајќи го Договорот од Преспа постигнат во јуни меѓу владите на Македонија и Грција, кој претставува услов за членство на земјата во НАТО и започнување на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ).
„Со неуспех на овој договор, станува неуспешен мировниот процес, станува неуспешен процесот на интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ, но станува неуспешен и еден мошне значаен процес за воспоставување мир и стабилност на просторите на Југоисточна Европа и низ Балканот, каде што не поминаа многу години од војните и големите пролевања крв“, додаде Ахмети.
Ахмети нагласи дека овој договор не треба да биде неуспешен, бидејќи тој е договор не само со регионални, туку и со европски димензии.
Лидерот на ДУИ се осврна и на несогласувањата меѓу Косово и Србија, ситуација која според него бара голема ангажираност од косовските власти, институции и косовската опозиција, за да успеат да ги затворат косовско-српските прашања.
„Што се однесува до проблемот меѓу Косово и Србија, јас разбирам дека не е лесно, но без да се затвори овој проблем ниту регионот не може да биде мирен. Ќе се радуваме на досега постигнатите успеси, сигурно дека вчера не бевме подобри, денес сме подобри, но јас очекувам утре да бидеме подобри од денес“, рече Ахмети.
На оваа свечена академија организирана по повод 28 Ноември, Денот на албанското знаме, беа присутни и претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, македонскиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и вицепремиерот на Косово, Енвер Хоџај.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Џафери, истакна дека 28 Ноември е датум кој има високо место во дефинирање на идентитетот и вековната борба на албанскиот народ за слобода и независност.
Од друга страна, косовскиот вицепремиер, Хоџај, изрази благодарност за сите Албанци на Балканот кои според него дале придонес во прогласувањето на независноста на Косово.
По овој повод беа организирани низа активности во Албанија и Косово.