Admir Fazlagic
25 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, оствари работна средба со хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ на која се разговараше за актуелни теми од областа на безбедноста, како и за натамошната соработка меѓу двете министерства, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Партнерството и соработката со хрватското МВР и генерално со Република Хрватска, потенцира министерот Спасовски, за Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е од исклучително значење. Министерот Спасовски му се заблагодари на својот хрватски колега за помошта на хрватското МВР во заедничкото справување со миграциската криза, но и за сите последователни активности за еден заеднички регионален пристап во превенирањето и справувањето со миграциите и потенцијалните проблеми што тие ги носат", соопшти МВР.
„Министерот Божиновиќ потенцира дека Република Хрватска ќе и помогне на патот на Република Северна Македонија кон НАТО и ЕУ, а, во таа насока е и фактот дека за неколку дена оваа пријателска држава ќе го ратификува протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО", се вели во соопштението.
Се додава и дека работната средба се одржа во пресрет на отпочнувањето на дводневнатата Министерска конференција од „Брдо процесот“, односно Третиот состанок на Управниот одбор на иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИЦГ), што ќе се одржи утре и задутре во Скопје, а чиј домаќин е Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.