Senada Ibraimova
09 Февруари 2017•Ажурирај: 10 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – На денешниот состанок за енергетика на шесте министри за надворешни работи од Западен Балкан беа потпишани финансиски договори, државите од Западен Балкан да добијат вкупно 50 милиони евра за финансирање на енергетски проекти од ЕУ преку Програмата за регионална енергетска ефикасност и Фондот за зелен раст, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи Никола Попоски по состанокот изјави дека Италија, која во моментот го предводи политичкиот процес на приближување на регионот кон членство во ЕУ, сака да стави поголем акцент на поврзувањето на државите во регионот, како во делот на енергијата, така и во делот на железничко и патно поврзување.
Попоски, меѓу другото изјави дека на состанокот, министрите донеле заеднички заклучок за формирање на еден неформален систем за водење на регионална координација.
„Не би го нарекол тоа во никој случај Балканска Унија, но, систем на ротација на шестмесечна основа во која би се состанувале неформално министрите за надворешни работи и би работеле на веќе воспостсавениот систем под германска координација (проект финансиран од „ГИС“) за придобивање на што е можно поголемо сопствеништво во регионот за сите процеси кои се однесуваат на нас“, рече Попоски.
На денешниот состанок на министрите за надворешни работи од Западен Балкан беа потпишани финансиски договори, државите од Западен Балкан да добијат вкупно 50 милиони евра за финансирање на енергетски проекти од ЕУ преку Програмата за регионална енергетска ефикасност и Фондот за зелен раст.
Еврокомесарот, Јоханес Хан, пак рече дека предвидените финансии треба значително да му помогнат на јавниот и приватниот енергетски сектор во шесте држави од Западен Балкан, и исто така, да придонесат за заштеда на енергија и намалување на емисиите од штетни гасови.