Скопје/Тирана/Приштина
Односот кон бездомните животни, како и бројните аспекти кои ги отвора ова прашање е актуелна тема во светот, но и во регионот, на која е потребно да се посвети особено внимание, пишува Anadolu Agency (AA).
Прашањето за бездомните животни и за постоењето на точни статистички податоци во врска со нив е многу комплексно, а исто така недостигаат долгорочни современи политики кои ќе го третираат прашањето за бездомните животни.
По повод Денот на бездомните животни - 4 април, низ светот се организираат бројни активности за згрижување на бездомните животни. Здруженијата за заштита на животните упатуваат апел граѓаните да ги вдомуваат бездомните животни и соодветно да се грижат за нив, а институциите со внимателност да го третираат ова прашање.
- Северна Македонија: Проблемот со бездомните животни се актуализира во последните години
Официјални податоци за бројката на бездомни животни на територијата на Северна Македонија нема, а податоците кои во јавност ги изнесуваат невладините граѓански организации кои се занимаваат со прашања за грижа на животните велат дека во земјата има околу стотина илјади бездомни животни, кои се изложени на различни проблеми, меѓу кои најмногу се присутни различни болести, а исто така животните се изложени и на различни временски услови.
Проблемот со бездомните животни во Северна Македонија почна да се актуализира во последните години, особено изминатава година кога низ улиците на градовите, меѓу кои и низ главниот град Скопје, сѐ повеќе можат да се забележат кучиња на улица.
Колку е сериозен проблемот со кучињата скитници во Скопје покажува и податокот дека во текот на 2018 година против Градот Скопје и Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ се поднесени над 200 тужби од граѓаните за надомест на штета поради напад и гризнување од бездомни кучиња.
- Ново јавно претпријатие за хуман третман на кучињата скитници во Скопје
Со цел да се реши проблемот со кучињата скитници и да им се овозможи соодветен третман, Советот на Град Скопје кон крајот на месец февруари минатата година донесе одлука за формирање јавно претпријатие за хуман третман на животните скитници.
Како што соопштува Град Скопје, новото јавно претпријатие се формира од постојните служби што досега функционирале во рамките на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кое ќе ги преземе сите активности, каде што се заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.
Од Град Скопје велат дека формирањето ново јавно претпријатие, кое ќе се занимава исклучиво со оваа проблематика, е потребно од повеќе причини, пред сѐ поради недостатоците на досегашниот систем на работа со бездомните животни, што резултираше со зголемено присуство на кучињата скитници на јавните градски површини и притоа претставуваат реална опасност за безбедноста на граѓаните.
Градот Скопје неодамна соопшти и дека се очекува наскоро да заврши регистрацијата на домашните миленици, за што се надеваат дека ќе придонесе за одговорно чување на милениците.
Граѓанските здруженија и невладините организации кои за цел имаат заштита на животните, сметаат дека проблемот со бездомните кучиња не може да се реши само со тоа што кучињата ќе бидат отстранети од улиците, туку дека е потребно одговорно однесување и на сопствениците на кучињата, кои според здруженијата се најголемата причина за порастот на напуштени животни.
- На улиците во Скопје околу 6 илјади кучиња
Според здружението за заштита на животни „Анима мунди“ на улиците во Скопје има околу 6 илјади кучиња.
По повод Светскиот ден на бездомни животни, низ светот се одржуваат бројни акции и настани за вдомување на бездомни животни. Здруженијата за заштита на животните упатуваат апел за вдомување на бездомните животни под мотото „Денес вдомете го вашиот нов пријател“.
- „Во Албанија недостигаат долгорочни политики за проблемот со уличните животни“
Проблемот со бездомните животни продолжува да биде присутен речиси во сите градови во Албанија, но најмногу во Тирана.
Институциите во земјата сѐ уште немаат регистар или официјални статистики во врска со бездомните животни, а во последните години се зголемени иницијативите, организациите, како и институциите за заштита на овие животни.
Во Албанија постојат одредени граѓански организации за заштита и третирање на бездомните животни, кои им обезбедуваат храна, вакцинација и згрижување. Една од нив е и организацијата „Animal Rescue Albania“, која во писмена изјава за АА истакна дека прашањето за статистиките во врска со бездомните животни во Албанија е многу посложена, бидејќи според неа, недостигаат долгорочни современи политики што се однесува до прашањето за управување на уличните животни.
Според оваа организација, се претпоставува дека низ земјата постојат околу 40.000 бездомни животни, и не може да се зборува за точни бројки и статистички податоци, бидејќи секојдневно се случува исчезнување на животните.
„За жал, во Албанија може да се случи да видите да се малтретира, дури и да се убие едно животно, и да немате апсолутно ниту еден начин законски да реагирате против ваквиот чин. Ние имаме цел преку предложен предлог-закон да се усвои и спроведува ефикасен закон кој ќе ја смета за кривично дело секоја форма на малтретирање и злоупотреба врз животните“, истакнаа за АА од организацијата „Animal Rescue Albania“.
Оваа организација презела иницијатива која има за цел подигнување на свеста кај општеството за вдомување на бездомните животни.
Иницијативите преземени од страна на оваа организација или од други институции се процес којшто почнува со грижа на територијата, со конкретна помош, и се проширува до формирање кампањи за подигнување на свеста и законски норми за подобрување на животот на животните, било бездомни, било животни со сопственик.
Институциите во земјата во неколку наврати се соочуваат со проблемот на третирањето на бездомните животни. Обврска на единиците на локалните самоуправи е да ги идентификуваат сите улични кучиња и мачки на територијата со која управуваат.
Во рамките на Агенцијата за заштита на потрошувачите во Општина Тирана функционира и секторот за третирање на животните, кој се занимава со евиденција, заштита и третирање на животните, особено на животните скитници во градот.
Од Агенцијата за заштита на потрошувачите во Општина Тирана за АА велат дека во согласност со Законот за ветеринарство кој е во сила, оваа општина е надлежна да ги третира само животните скитници. Почнувајќи од 2016 година, во Тирана функционира Ветеринарната клиника, додека Општината го започна проектот за стерилизација, вакцинација и регистрација на популација на кучињата скитници.
- „Приштина секоја година издвојува 150.000 евра за третирање на кучињата“
Институциите на Косово продолжуваат да се соочуваат со предизвиците што се однесуваат на решавање на проблемот со бездомните животни, особено со кучињата скитници. Во текот на годините, проблемот со овие животни е повторно активиран кога граѓаните беа напаѓани од кучиња скитници.
Со оглед на тоа што недостигаат инфраструктурни услови за згрижување на овие животни, интервенцијата на централните и општинските власти е префрлена во нивно третирање, вклучувајќи вакцинација, кастрација, стерилизација и нивна регистрација.
Во главната општина процесот на градење на засолништа започна во последните години.
Главниот град на Косово, Приштина, секога година издвојува 150.000 евра за третирање на кучињата, и иако сега-засега нема ништо конкретно за засолништа, нејзините функционери велат дека во 2019 година ќе усвојат таков план.
Во Косово постојат само два згрижувачки центри, а во земјата постојат десетици приватни згрижувачки центри отворени од страна на граѓани доброволци, но тие не опфаќаат повеќе од 300 кучиња, што е мала бројка во споредба со онаа на бездомните кучиња во секое место во земјата.
Според извештајот на Агенцијата за храна и ветеринарство, само во главниот град се наоѓаат 3.000 кучиња, додека низ целата територија на Косово има десетици илјади кучиња скитници.
Од мај минатата година до крајот на 2018 година, Косово започна проект со 1,3 милион евра за решавање на проблемот со кучињата скитници.
„Процесот на нивно третирање ќе продолжи и во текот на 2019 година“, рече Ламир Тачи, одговорен за информација во Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Во текот на 2018 година третирани се 14.000 кучиња скитници низ целата територија на земјата. Исто така, и оваа година се очекува да продолжиме со овој проект според горенаведените постапки. Не се знае точната бројка на животните скитници во Косово поради нивното движење од едно место во друго“, нагласи Тачи.
Според дирекцијата на Косовскиот центар за третирање и згрижување на кучињата скитници, низ целата територија на Косово се наоѓаат околу 200.000 бездомни кучиња.
news_share_descriptionsubscription_contact
