Muhammed Boztepe
26 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
АНКАРА (AA) – Управата за вонредни ситуации во Турција (АФАД) испрати товарен авион со експертски тимови и спасувачки возила во Албанија која утрово ја погодил силен земјотрес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Потпретседателот на АФАД Хамза Ташделен за АА изјави дека сите надлежни институции и служби на Турција се ангажирани да му помогнат на народот на Албанија, која утрово е погодена од земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер.
„Моментално со транспортен авион во Албанија испративме три спасувачки возила од средна класа со 15 спасувачки техничари. Испративме уште 27 лица, меѓу кои се шест од Министерство за здравство и по две лица од Црвена полумесечина и АФАД", рече Ташделен.
Тој изјави дека авионот полетал од воениот аеродром Етимесгут во Анкара.
Потсетувајќи дека Турската црвена полумесечина исто така го испрати првиот конвој за помош на Албаанија, Ташделен рече дека Турција е спремна да продожи со помош во согласност со потребите на терен.
Турското министерство за здравство од Албанија со амбулантно возило ќе евакуира повреден турски државјанин.
Земјотрес со јачина од 6,3 степени утрово ја погоди Албанија и се почувствува ширум Балканот.
Земјотресот во Албанија сруши најмалку три станбени згради додека граѓаните спиеја, а спасувачките екипи се на терен и работат на спасување на луѓето, за кои се верува дека се наоѓаат под урнатините.
Од последиците на потресот во Албанија загинаа 20, а повредени се повеќе од 600 лица.
Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека помош на Албанија ѝ испратиле Турција, Италија, Франција, Грција, Србија и Црна Гора.
Владата на Република Северна Македонија на својата денешна седница донесе одлука да се издвојат 6 милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија, соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија.
Владата на Косово одржа и вонредна седница и издвои половина милион евра за помош на Албанија.