Furkan Naci Top
19 Март 2017•Ажурирај: 20 Март 2017
ЛЕЗБОС (АА) - Бегалецот Насрула Фабиаби од Авганистан веќе осум месеци живее во урнатините на тврдина изградена во средниот век на грчкиот остров Лезбос, јавува Anadolu Agency (AA).
Бегајќи од талибанците, по опасната рута преку Егејското Море минатиот јули стигнал на островот. Фабиаби (31) е лишен од електрична енергија, вода и греење. Храната ја готви на оган кој го ложи пред тврдината, а на сличен начин грее и вода за капење.
Тој вели дека во тврдината избегал поради честите расправии и инциденти кои се случувале во кампот за бегалци Mориа, а најголем проблем за него претставува осаменоста. Негови пријатели се уличните кучиња и гулабите.
„Во кампот секој ден доаѓа до караници. Овде се чувствувам слободен, но и тука е многу тешко. Сам сум, осаменоста не му одговара на човек“, рече Фабиаби кој добива помош од волонтерите на островот и од соседите.
Храна добива од волонтери, а вода од црквата оддалечена 500 метри од тврдината. Фабиаби, како и илјадници бегалци на островот, чека одобрение за азил. Тој вели дека поднел барање, но разговорот бил одложуван неколкупати.
„Не знам до кога. Да бев во затвор, ќе знаев дали се останати уште две или три години, но вака не знам ништо. Колку уште ќе чекам? Не знам што да правам“, рече Фабиаби.
Тој потсети дека и бегалците се луѓе кои имаат право на живот.