БЕЛГРАД (AA) - Бојана Стојановиќ
Библиотеката „Д-р Милан Будимир“ во Белград, со околу 80.000 книги е најголемата библиотека за слепи на Балканот, со чија помош слепите и слабовидните луѓе можат да се едуцираат, но и полесно да се интегрираат во општеството, пишува Anadolu Agency (AA).
Основана во 1971 година како организациска единица во составот на Сојузот за слепи на Србија, библиотеката го доби името по Милан Будимир, слепиот академик.
Со околу 80.000 книги, оваа библиотека е најголемата од ваков вид на Балканот, а за тоа по што уште е позната, разговаравме со претседателот на Сојузот на слепите на Србија, Милан Стошиќ.
„Таа не е најголема во смисла на некаков престиж, туку потребата на нашите луѓе произведе да имаме огромен книжевен фонд, некаде околу 80.000 библиотечни единици во техниките кои се достапни за слепи. Тоа значи, на Браевото писмо и во аудиоформати, а имаме и одреден фонд книги со црно печатење“, наведе Стошиќ.
Како што појасни, станува збор за библиотека која работи на принцип според кој на своите членови низ Србија им испраќа книги, кои откако ќе ги прочитаат ги враќаат со бесплатна поштарина.
„Не само на членовите на Сојузот на слепи лица, кои ги има 12.000 во земјата, туку ги испраќаме и во регионот, но и пошироко, дури и на други континенти каде што живеат нашите луѓе. Имаме корисници од Америка, Австралија“, додаде тој.
- Повеќе од обична библиотека - книгата како дел за полесна интеграција во општеството
Во библиотеката е можно да се пронајдат книги за сите - од деца на претшколска возраст до највозрасни луѓе, како и учебници, списанија, лектири. На полиците на оваа библиотека во Белград можат да се видат изданија од различни жанрови - од белетристика, преку научни книги, а единствена е и по тоа што има и филозофски дела, Библија и Куран.
„Ова е нешто што е од огромно значење за слепите и слабовидните луѓе, со оглед на тоа дека голем број наши членови се упатени во книгата, не само во образовна смисла, туку и во секаква друга. На некои книгата им служи и како терапија, бидејќи, просто, не можат без книга“, оцени Стошиќ.
Според неговите зборови, преку книгата, знаењето, образованието, слепиот човек ја компензира загубата на видот и на тој начин полесно се интегрира во пошироката општествена средина, поради што оваа библиотека е повеќе од обична.
„Ние секоја година, во однос на споменатиот фонд на книгите, во нашата програма преведуваме некаде околу 200 наслови за да се произведат во таа година, и во аудиоформатите и на Браевото писмо“, додаде тој.
- Наскоро и онлајн преземање на книгите
Освен што библиотеката има различни жанрови, во тек е и со новите трендови, па сега во процес е дигитализација на сите книги од отворени ленти и касети во дигитални формати.
„Тоа е процес кој трае пет-шест години наназад, и околу две третини книги успеавме да ги префрлиме во нови формати. Во наредните две години очекуваме тој процес во потполност да го завршиме и во потполност да ја дигитализираме нашата библиотека, но и во некои технички услови да оформиме и онлајн библиотека, така што нашите членови ќе можат да ја користат оваа библиотека и без добивање книга“, најави Стошиќ.
Освен библиотеката во Белград, постојат и библиотеки во Бања Лука, Загреб и Подгорица, со кои оваа библиотека соработува.
„Сите ние кои сме на исто говорно подрачје, да речеме библиотеката во Бања Лука или Загреб и во Подгорица, она што го снимаме кај нас, им го доставуваме ним, како и тие нам, за да не ги удвојуваме истите книги. Така го правиме овој вид размена“, објасни тој.
Претседателот на Сојузот на Србија истакна дека и Србија, односно библиотеката „Д-р Милан Будимир“ е во фаза на ратификација на Маракешкиот договор - договор на земјите кои имаат вакви библиотеки, да се донесе закон за авторски права и размена на книги со сите библиотеки во светот.
Овој договор веќе го ратификуваа сите земји на Европската Унија, а тој треба преку Владата на Србија, односно преку Министерството за култура и информирање, но и преку Министерството за правда да дојде до Собранието на Србија.
„Ветувањата се дека до крајот на годината ќе бидеме во можност да имаме еден ваков правен акт кој ни дава за право и во правна смисла да ја заокружиме нашата библиотека“, заклучи Стошиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact


