Bojana Stojanovic
08 Јули 2020•Ажурирај: 08 Јули 2020
БЕЛГРАД
Граѓаните насобрани пред Собранието на Србија во Белград вечерва повторно се обидоа да влезат во зградата, но ги спречи полицијата со фрлање на неколку солзавци, поради што граѓаните мораа да се оддалечат од парламентот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред Собранието на Србија во Белград се собраа голем број на граѓани незадоволни поради повторното воведување на полициски час, а тие на кратко влегоа и во зградата на парламентот, но полицијата ги исфрли.
Жандармеријата постави кордон на скалите пред влезот во зградата на Парламентот.
Пред Собранието на Србија се собраа повеќе илјади луѓе, на просторот меѓу плоштадот „Никола Пашиќ“ и зградата на Главната пошта. Сообраќајот на тој дел е запрен. Меѓу насобраните се и неколку лидери на опозицијата.
Демонстрантите скандираа „предавство, предавство“ и пееја „Ој Косово, Косово“, „лопови, лопови“, „оставка, оставка“ и навреди на сметка на Вучиќ, додека на полицајците им скандираа „Фрлете ги штитовите“.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ претходно најави дека од петок во 18 часот до понеделник во 5 часот наутро ќе биде воведен полициски час, односно забрана за движење, поради лошата епидемиолошка ситуација во земајата предизвикана од пандемијата на Ковид-19.