Балкан

Бројни граѓани протестираа против проектот за ископ на литиум во Србија

- Насобраните демонстранти носеа транспаренти на кои пишуваше „Не го даваме Јадар“, „Против Рио Тинто“ и „Право на здрава животна средина“

Bedrudin Brljavac  | 29.06.2024 - Обновена : 30.06.2024
Бројни граѓани протестираа против проектот за ископ на литиум во Србија Фото: Филип Стевановиќ

ЛОЗНИЦА (АА) - Бројни граѓани вчера се собраа на протест против Рио Тинто и проектот „Јадар“ за ископ на литиум пред Домот на културата Вук во Лозница, Србија, известува Анадолу.

Насобраните демонстранти носеа транспаренти на кои пишуваше „Не го даваме Јадар“, „Против Рио Тинто“ и „Право на здрава животна средина“.

Протестот против ископувањето на литиум го организираше Сојузот на еколошките организации на Србија (СЕОС), кој доби поддршка од повеќе опозициски партии и движења кои исто така учествуваа на митингот.

Претставниците на СЕОС порачаа дека проектот за ископ на литиум „Јадар“ е многу штетен за здравјето на луѓето и за животната средина.

Протестот се одржа откако претставниците на власта во Србија укажаа на можноста за експлоатација на литиум во Србија, иако српската влада по настанатите демонстрации го прекина проектот „Јадар“ пред две години.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 24 јуни изјави дека сака граѓаните на Србија да одлучат за отворање на рудник за литиум и дека тоа не е одлука што брзо се донесува.

Во 2022 година по неколкунеделни еколошки протести, властите во Србија го стопираа проектот „Јадар“ на британско-австралиската компанија „Рио Тинто“, но корпорацијата неодамна објави нацрт-студија за влијанието врз животната средина доколку се реализира планираниот проект.

Сѐ уште има различни мислења околу отворањето на рудникот и ископувањето на литиум во Јадро кај Лозница.

Активистите за заштита на животната средина и локалните жители се против проектот, а Вучиќ вели дека отворањето на рудникот е можно во 2028 година, но дека копањето нема да започне без гаранции од Германците, кои се заинтересирани за производство на литиумски батерии наменети за автомобилската индустрија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.