Балкан

Средба Грлиќ Радман, Фидан и Конаковиќ во Дубровник: „Унапредување на регионалната соработка“

- Во рамки на „Форум Дубровник 2024“, Фидан, Грлиќ Радман и Конаковиќ ја одржаа деветтата трилатерална средба на Туркије, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Bedrudin Brljavac  | 29.06.2024 - Обновена : 01.07.2024
Средба Грлиќ Радман, Фидан и Конаковиќ во Дубровник: „Унапредување на регионалната соработка“ Фото: Арда Кучукаја

ДУБРОВНИК (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман, и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ, се сретнаа на маргините на „Форум Дубровник 2024“ во Хрватска, известува Анадолу.

Во рамките на „Форум Дубровник 2024“, Фидан, Грлиќ Радман и Конаковиќ ја одржаа деветтата трилатерална средба меѓу Туркије, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Грлиќ Радман изјави дека трилатералната средба меѓу Туркије, Босна и Херцеговина и Хрватска е корисен формат за конструктивен политички ангажман со цел градење меѓусебна доверба и соработка меѓу државите.

„Уште еднаш потврдивме дека безбеден, стабилен и просперитетен регион на Западен Балкан со јасна перспектива за членство во Европската унија (ЕУ) е наш заеднички стратешки интерес“, рече Грлиќ Радман на заедничката прес-конференција.

„Јас, исто така, ја повторив мојата целосна поддршка за одлуката на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина и се надевам дека овој позитивен моментум ќе се задржи“, рече Грлиќ Радман.

Тој го истакна и значењето на добрите односи меѓу Хрватска и Туркије.

„Хрватска ја смета Туркије за важен партнер во ЕУ и сојузник во НАТО. Драго ни е што нашите политички односи постојано се развиваат и продлабочуваат. Има јасен напредок во многу области од нашата економска соработка, но и потенцијал за дополнителен напредок. Турските компании веќе ја препознаа Хрватска како атрактивна дестинација за инвестирање“, рече Грлиќ Радман.

Министерот за надворешни работи на БиХ Конаковиќ ја истакна важноста на трилатералната средба од која, како што рече, испратиле важни пораки.

„Хрватска е наш сосед, важен сосед. Сакам да му се заблагодарам на мојот колега Грлиќ Радман, на премиерот Андреј Пленковиќ и на хрватската влада за нивните залагања за Босна и Херцеговина во историскиот процес за отворање на пристапните преговори на БиХ со ЕУ. За Босна и Херцеговина, ова е важна историска одлука“, рече Конаковиќ.

Тој потоа се осврна на билатералните односи меѓу Босна и Херцеговина и Туркије.

„Туркије е земја која Босна и Херцеговина ја смета за навистина пријателска и братска земја. Имаме посебни, традиционални, историски врски. Имаме одлични трговски врски и со двете земји“, рече Конаковиќ и додаде дека на средбата разговарале за зајакнувањето на меѓусебната соработка.

„Разговаравме за нови можности во областите каде што можеме уште поблиску да соработуваме. Образование, економија, инфраструктура, енергетика, наменска индустрија се области за кои мислам дека има простор за напредок“, рече Конаковиќ и порача дека Босна и Херцеговина регионалената стабилност ја смета за еден од своите главни приоритети.

Тој нагласи и дека Туркије има важна и сериозна улога во овој дел од Европа.

„Затоа што тие имаат влијание, имаат добри односи, влијание во економските и политичките процеси во ова соседство, а тоа може да биде од корист за Босна и Херцеговина, за нашата стабилност, територијален интегритет и суверенитет“, рече Конаковиќ.

Тој ја изрази својата благодарност до своите колеги за нивната поддршка за Резолуцијата за геноцидот во Сребреница на Генералното собрание на Обединетите нации (ГСОН).

Шефот на турската дипломатија Фидан истакна дека имале многу продуктивна средба со цел зајакнување на врските на трите земји, како и зајакнување на регионалната соработка.

„Веруваме дека блиските односи меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска се клучни за долгорочниот мир и стабилност на Босна и Херцеговина и на остатокот од регионот“, рече Фидан.

Тој нагласи дека на средбата се разговарало за бројни теми, меѓу кои и за последните политички настани во Босна и Херцеговина, како и заедничките конкретни проекти кои, како што рече, ќе придонесат за развојот на регионот.

„Уште еднаш ја потврдувам нашата силна поддршка за територијалниот интегритет, суверенитет и политичко единство на Босна и Херцеговина и ја изразувам мојата загриженост поради реториката за поделба во БиХ. Верувам дека е важно да се изгради атмосфера на помирување ако сакаме да напредуваме“, истакна Фидан.

Тој посочи дека разговарале и за прашањата за поврзување и инфраструктурни проекти во Босна и Херцеговина и во Хрватска, додавајќи дека имале многу продуктивна размена на мислења.

„Туркије е подготвена да ги одржува овие состаноци поредовно со цел да ја унапреди регионалната соработка“, порача шефот на турската дипломатија.

Тројцата министри учествуваат на Меѓународната конференција „Форум Дубровник 2024“ што се одржува од 28 до 29 јуни. Меѓународниот состанок во Дубровник годинава се одржува под слоганот „Опасни теснеци и безбедни премини“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.