Husamedin Gina
03 Јуни 2021•Ажурирај: 04 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Народното правобранителство информира дека според податоците добиени од Управата за водење на матични книги, во Северна Македонија има вкупно 659 неевидентирани лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, на денешната прес-конференција го презентира извештајот кој се заснова на истражување во периодот од 2018 година, од годината кога беше распишан јавниот повик за евидентирање на лица чиешто раѓање не е евидентирано во матичната книга на родени, заклучно со април 2021 година.
Истакнувајќи дека проблемот со неевидентираните лица не е нов, Васка Бајрамовска-Мустафа рече дека во секој посебен годишен извештај е алармирано за недозволивоста дете да остане надвор од матичната евиденција на родени.
Обврската што ја има преземено државата со ратификувањето на Конвенцијата на правата на детето, како што рече Бајрамовска-Мустафа, налага ниту едно дете да не остане без име, без запишано раѓање, без државјанство и без негов идентитет.
Бајрамовска-Мустафа, потсетувајќи дека во февруари 2020 година донесен е нов Закон за неевидентирани лица во матичната книга на родени, рече дека претходно во соработка помеѓу Управата за водење матични книги и Министерството за труд и социјална политика бил објавен јавен повик за неевидентираните лица да се пријават во евиденција.
„Вкупниот број на неевидентирани лица коишто се внесени во евиденција согласно Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, според податоците добиени од Управата за водење на матични книги, изнесува 659 лица“, нагласи Бајрамовска-Мустафа.
Анализата на добиените податоци по возраст, како што подвлече Бајрамовска-Мустафа, упатува на заклучок дека најголемиот број од лицата, 397, што претставува 60 проценти од вкупниот број на неевидентирани лица, се деца под 18-годишна возраст.
Од лицата кои го пополниле прашалникот и притоа се изјасниле за својата етничка припадност, најголем број, според податоците на Управата на неевидентирани се Роми (428), Албанци (88), Турци (20), Бошњаци (3), Срби (2) и 1 лице од влашката етничка заедница.
Според народниот правобранител, државата, преку институциите, треба целосно да ја преземе одговорноста за идентификација, регистрација и вклучувањето на правноневидливите лица во системот.