Admir Fazlagic
17 Јуни 2020•Ажурирај: 19 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Владата на Република Северна Македонија донесе одлука од утре 17 јуни, да се отворат сите гранични премини во земјата со примена на мерките што се активни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Владата донесе одлука од утре, 17 јуни, да се отворат сите гранични премини во земјата со примена на мерките што се активни, при што за влез во Северна Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР", се вели во соопштението на прес службата на Владата.
Според соопштението, исто така, останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на Република Северна Македонија нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест.
На денешната седница Владата го дополни Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, и од утре протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ територијата на Република Северна Македонија.
„На оваа седница е донесен и Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување), и тој започнува да важи од понеделник, 22 јуни, оваа година", соопшти Владата.
Потсетуваме, Владата на Северна Македонија од 16 март со цел спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19) донесе одлука да се затворат сите гранични премини во земјата, за премин на странски државјани, патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возил, за претставниците на дипломатскиот кор во земјата, како и за други лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од главниот Координативен кризен штаб, кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.
Овие товарни возила или лица, влегуваат во Република Северна Македонија според посебни услови, согласно протоколот на Министерството за здравство.
Исто така, со овие мерки, затворен е и Меѓународниот аеродром во Скопје, освен за државни, воени, карго, медицински, хуманитарни и празни летови.