Samir Kajoševic
17 Јуни 2020•Ажурирај: 17 Јуни 2020
ПОДГОРИЦА
Црногорската полиција утрово го уапси градоначалникот на Будва, Марко Царевиќ и претседателот на Собранието на Општината (СО), Крсто Радовиќ, поради одбивање да дозволат новото собраниско мнозинство во тој град да ја преземе власта, јавува Агенција Анадолија (АА).
Царевиќ и Радовиќ се уапсени откако полициските сили ја опколија зградата на Општината во која тие престојуваат од синоќа. Во текот на полициската акција скршени се стаклата на зградата на Општината, а уапсени се и менаџерот на Општина Будва, Мило Божовиќ, секретарот за инвестиции, Младен Микијељ, како и советниците на градоначалникот, Никола Јовановиќ и Ѓорѓе Вујовиќ.
Откако во Собранието на Општина Будва е формирано ново мнозинство, Царевиќ и Радовиќ, претставниците на опозициските партии на државно ниво, одбија да ја предадат власта на новиот претседател на Општината, Владимир Булатовиќ и на в.д. претседателката на Собранието, Снежана Куч. Тие тврдат дека новото мнозинство кое го предводи Демократската партија на социјалистите е формирано со политичка корупција, како и тоа дека изборот на Булатовиќ и Куч е нелегален.
Управната инспекција на Министерството за јавна управа на Црна Гора вчера донесе решение со кое им се наредува на надлежните во Општина Будва да овозможат пристап на новите челници на Општината и Собранието на Општината во службените простории, и да им се стават на располагање службените печати и непречено функционирање на локалната самоуправа.