Furkan Abdula
09 Февруари 2023•Ажурирај: 10 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Северна Македонија донесе одлука за испраќање дополнителна помош на Туркије по разорните земјотреси кои ја погодија земјата на 6 февруари, пренесува Анадолу.
Владата овие одлуки ги донесе на 128. владина седница одржана вчера.
„Донесена е одлука, на предлог на Министерството за одбрана, за испраќање нови 36-мина припадници на Армијата на Република Северна Македонија – Баталјон за специјални операции, за учество во хуманитарна операција во Република Турција [Туркије]“, се вели во владиното соопштение.
Донесена е и одлука за дополнително испраќање 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на Републичките сили за заштита и спасување, за учество во давањето помош на Туркије во санирањето на последиците од земјотресот.
„Се испраќа и, според информацијата од Дирекцијата за заштита и спасување, комплетна специјализирана опрема и материјално-технички средства за пребарување и спасување од урнатини, 10 возила за транспорт на опремата и луѓето“, се додава во соопштението на Владата.
Од друга страна, според соопштението на Град Скопје, Советот на Град Скопје донел одлука за доделување парична помош за погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес во Туркије и Сирија во висина од 6 милиони денари.
„Средствата ќе се уплатат преку сметката за хуманитарна помош на Црвен крст на Македонија, а се обезбедуваат од ставката за непредвидени расходи на градскиот буџет“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Се истакнува дека на 7 февруари, Градот Скопје испратил и интервентна екипа на Противпожарната единица на Град Скопје за помош при спасувачката мисија во Газиантеп.
„Во меѓувреме сме во постојан контакт со локалните власти и стоиме на располагање за сите барања кои може да произлезат во рамки на спасувачката акција. Градот Скопје е град на солидарност“, се додава во соопштението.