Ekip
25 Септември 2022•Ажурирај: 26 Септември 2022
АТИНА (АА)- Голем број луѓе се собраа на протест против иранските власти на плоштадот Синтагма во Атина, главниот град на Грција, поради смртта на 22-годишната Иранка по нејзиното приведување, известува Агенција Анадолија (АА).
Насобраните истакнаа транспаренти на кои имаше натписи со осуда на иранските власти, а насобраните жени ги кратеа своите коси.
Според последните информации, во Иран досега животот го загубија 41 лице за време на демонстрациите што избија изминатата недела по смртта на 22-годишната Махса Амини, која била приведена од државната ‘полиција за морал’ во Техеран поради кршење на кодексот за облекување, а потоа се проширија во повеќе ирански градови.
Полицијата негира дека ја малтретирала Амини, наведувајќи дека девојката починала од срцев удар, но нејзиното семејство тврди дека Махса претходно немала срцеви заболувања. Властите ветија детална истрага за смртта на девојката.

Инцидентот го осудија голем број светски лидери и групи за човекови права, вклучувајќи ги и САД, кои ја санкционираа иранската полиција за морал како одговор на „злоупотребата и насилството врз иранските жени и кршење на правата на мирните ирански демонстранти“.
На снимките што ги емитуваше иранската државна телевизија се гледа како Амини одеднаш паѓа на земја откако е доведена во полициската станица и разговарала со полицаецот.
Корисниците на социјалните мрежи ги отфрлаат изјавите на полицијата дека девојката „одеднаш“ ја изгубила свеста, тврдејќи дека Амини била претепана пред да биде доведена во полициската станица.
Протестите избија во Техеран и во градовите во западниот дел на земјата по погребот на Амини во нејзиниот роден град Сакез на 17 септември.
Протестите се одржуваат во голем број градови од Иран, а на многу од нив дошло до жестоки судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили.