Abdula Berisha
02 Март 2020•Ажурирај: 03 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Висока Воена делегација на Косовските безбедносни сили (КБС), предводена од командантот на КБС, генерал-потполковник Рахман Рама, во рамки на планираната еднодневна посета на Република Северна Македонија, денеска престојуваше во Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Генералштабот на Армијата, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Како што соопштуваат од Министерството за одбрана, по приемот со високи воени почести, генералот Рама оствари средби со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и со нејзиниот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
„На средбата со министерката Шекеринска, командантот на Косовските безбедносни сили упати честитки за интеграцијата на Северна Македонија во НАТО. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на овој успех за целиот регион. Генералите Ѓурчиновски и Рама разговараа за унапредување на билатералната соработка во области кои се од заемен интерес, пред сѐ за зајакнување на регионалната безбедносна состојба и можните заеднички предизвици со мигрантската криза“, стои во соопштението.
Досегашната соработка со КБС се одвива во полето на воената едукација и обука преку учество на припадниците од КБС на вежбовни активности на летниот камп на Армискиот полигон Криволак, курсеви во Регионалниот тренинг-центар за односи со јавност и Воено-медицинскиот центар.
За време на посетата генералот Рама ќе оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.