Derya Gülnaz Özcan
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
АТИНА
Повеќето ресторани и кафулиња во Грција се затворени поради делумните ограничувања во рамките на борбата против новиот вид коронавирус (Ковид-19) и зголемените трошоци, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на повикот упатен од Федерацијата на оператори на ресторани (POESE) низ Грција, сопствениците на ресторани и кафулиња одлучија да ги затворат своите бизниси на 24 часа.
Во соопштението на Федерацијата се потенцираат финансиските тешкотии со кои се соочува секторот поради ограничувањата што се применуваат во рамките на борбата против епидемијата.
Исто така, се бара да се реорганизираат казните изречени за деловните субјекти кои ги прекршуваат правилата за ограничување, а казните да бидат изречени не само за деловните субјекти, туку и за клиентите кои не го почитуваат ограничувањето.
Меѓу другото, се бара владина помош за трошоците за енергија и изнајмување, а стапката на ДДВ во секторот да се намали на 6 отсто.
Во соопштението, исто така, се предупредува дека повеќето бизниси во секторот може да се соочат со опасност од затворање и се бара владина поддршка за опстанок на бизнисите во кои работат илјадници луѓе.
Сопствениците на бизниси се собраа на плоштадот „Синтагма“ во главниот град Атина и маршираа до Министерството за финансии со цел да ги соопштат своите барања до Владата.
Акцијата ја поддржаа и сопствениците на фризерски и козметички центри, кои исто така беа негативно погодени од ограничувањата.
- Сертификат за вакцинација или тест за влез во кафулињата и рестораните
Во Грција, каде што случаите на Ковид-19 рапидно се зголемуваат, само клиентите со сертификат за вакцинација можат да седат во затворените делови на кафулињата и рестораните.
Исто така, и муштериите кои сакаат да добијат услуга во отворените делови на рестораните мораат да приложат потврда за вакцинација или тест за Ковид-19 направен во последните 48 часа, заедно со нивните лични карти.
Во Грција стапката на пополнетост на одделите за интензивна нега се зголеми поради зголемениот број случаи. Владата ги повика лекарите што работат во приватните ординации да се приклучат во борбата против епидемијата во државните болници.