Ivana Ramadanova
13 Септември 2016•Ажурирај: 14 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Центарот за управување со кризи досега се регистрирани околу 500 јавувања за пријава на штети на објектите во серијата земјотреси во скопскиот регион, што почнаа од завчера изутрината, јавува Anadolu Agency (AA).
Пријавите во најголем дел се однесуваат на разурнати фасади, оштетени покриви, скршени прозорци, паднати плафони, оштетени возила.
Од ЦУК информираат дека по последните два последователни земјотреса регистрирани синоќа во 19.53 часот, со магнитуда од 4 степени според Рихтеровата скала, освен привремени прекини на снабдувањето со електрична енергија во одредени делови на градот, не се пријавени позначителни штети.
Штетите на објектите во ЦУК може да се пријават на бесплатниот телефонски број за итни повици 195. Ако граѓаните не можат да добијат слободна линија од Центарот апелираат да испратат податоци (име, презиме, телефонски број за контакт, точна адреса и краток опис на штетата предизвикана од земјотресот) на mail@cuk.gov.mk.
Согласно препораките од Управувачкиот комитет за справување со кризи, екипи од Институтот за инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и претставници од скопските општини на терен вршат увид во станбените згради и во останатите објекти за домување каде што се пријавени штети.