Admir Fazlagic
14 Февруари 2017•Ажурирај: 15 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во областа на угостителството, според првите резултати од спроведениот Попис, во Република Македонија се попишани 4 948 капацитети и тоа: 4 378 угостителски објекти-дуќани и 570 објекти за сместување на гости, објави Државниот завод за статистика (ДЗС), пренесува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на ДЗС, најголема концентрација на угостителски објекти има на територијата на Скопскиот регион каде што се попишани 1 314 објекти или 26.6% од вкупно попишаните објекти на територијата на Република Македонија.
„Општини со најголема концентрација на угостителски објекти се: Тетово 10.2%, Центар 7.8%, Куманово 5.2%, Гостивар 4.9%, Охрид 4.8%, Битола 4.2%, Струга 3.8%, Карпош 3.5%, Чаир 3.2% и Прилеп 2.9%, каде што се лоцирани вкупно 50.5% од угостителските капацитети во Република Македонија", соопштуваат од ДЗС.
Инаку, пописот на капацитетите во угостителството е спроведен заедно со Пописот на капацитетите во трговијата на мало, во периодот од 1 до 12 ноември 2016 година, на целата територија на Република Македонија.
Целта на Пописот, како што информираат од ДЗС, била да се обезбедат податоци на ниво на целата земја за бројот, видот, големината, структурата, просторот и вработените во угостителските објекти.