Zülfiya Yakup
14 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
ПРИШТИНА (AA) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи денес го прими министерот за надворешни работи на Норвешка, Борге Бренде, кој престојува во посета на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за медиумите по состанокот, министерот за надворешни работи на Норвешка, Борге Бренде нагласи дека партнерството со Косово е многу силно и дека тоа ќе продолжи да се унапредува.
Бренде истакна дека Норвешка ги поддржува европските интеграции на Косово и соработката со НАТО, како и процесот на економскиот развој.
Тој изрази уверување дека Косово ќе биде предводник на стабилноста во регионот и го пофали Тачи за водењето на Косово во добар правец. Истовремено, косовскиот претседател ѝ се заблагодари на Норвешка за стабилната поддршка на Косово во најтешките моменти, како за време на војната, така и во процесот на европските евроинтеграции.
„Ѝ се заблагодарувам на Норвешка и на министерот за неговото ангажирање за новите признанија на Косово, за зачленување на Косово во меѓународните интеграции, каде што има уште многу работа“, рече Тачи.
Косовскиот претседател го информираше норвешкиот дипломат за дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел, и изрази надеж дека ќе има нови договори и дека нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе придонесе за мир и стабилност на целиот Балкан.
Говорејќи за меѓународната соработка, Тачи рече дека соработката со Норвешка ќе продолжи во сите сфери: политичка, стопанска и безбедносна.
Претседателот на Косово, Тачи, и шефот на норвешката дипломатија разговараа и за меѓународната соработка во борбата против фундаментализмот, против екстремизмот и тероризмот, за Косово и регионот да имаат повеќе мир, безбедност, стабилност и стопански развој.