Senada Ibraimova
14 Февруари 2017•Ажурирај: 15 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржа конференција на темата „Човекови права на лицата со хендикеп и начините за остварување на еднакви можности“, во организација на движењето „Полио Плус“, а во соработка со организацијата Здружение ЛИНК од Мостар, Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на конференцијата е да се отпочнат активности во насока на унапредување на правата на лицата со хендикеп во вработувањето.
Со конференцијата официјално се најави почетокот на спроведувањето на проектот „Пилот-акција за пристап кон правата на работа на лицата со хендикеп“, кој ќе го реализираат партнерските организации Здружение ЛИНК, Мостар, БиХ и Полио Плус – движење против хендикеп, Македонија.
„Она што го очекуваме како резултат од оваа 12-месечна активност којашто ќе ја спроведуваме, е да се унапреди законската рамка за вработување на лицата со хендикеп, да се подигнат капацитетите на сите засегнати чинители во општеството во оваа област, како и од друга страна, да се воспостави еден систем којшто ќе нуди сеопфатна професионална рехабилитација“, изјави Елена Кочоска од „Полио Плус“.
Претставникот од Министерството за труд и социјална политика, Душко Миновски смета дека е потребно заедничко делување во еден систем, каде што сите ќе имаат исти можности и права.
„Мислам дека крајниот бенефит ќе биде веќе да не правиме разлика, да немаме т.н. позитивна дискриминација, којашто во дадена ситуација вродува со плод, да распишуваме конкурси каде што мораме специјално да распишеме конкурс за вработување на лица со хендикеп, заради тоа некако да ги инкорпорираме во системот, туку едноставно да имаме систем каде што сите ќе се доживуваме еднакво и ако некое лице и покрај тоа што има хендикеп ги исполнува сите оние останати предуслови за вработувањето, значи, социјални вештини, работен стаж, квалификација, искуство итн., тоа да не биде пречка“, вели Миновски.
Тој додаде дека најголемиот проблем се случува на локално ниво, односно дека сите општини во Македонија имаат обврска да им ги направат достапни за користење сите институции на овие граѓани.
Директорката на проектот „Пилот-акција за пристап кон правата на работа на лицата со хендикеп“, Алиса Гегиќ, во својата изјава истакна дека во рамките на проектот ќе работат на пристапот до еднакви права за лицата со хендикеп при вработувањето, кои се според Конвенцијата на ОН.
Таа, исто така, истакна дека важна е заедничката соработка меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор, за како што рече, изградба на капацитетите на овие лица, кои подоцна ќе можат сами да пристапат кон пазарот на трудот, каде што би опстанале понатаму.
Проектот е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Р. Македонија, а временскиот период за спроведување е 12 месеци.
На конференцијата учествуваа претставници на институциите, граѓанските организации, кои работат со организациите на лицата со хендикеп, приватниот сектор, како и организациите на лицата со хендикеп.