Abdula Berisha,Dzihat Aliju
08 Мај 2023•Ажурирај: 08 Мај 2023
ОХРИД (АА) - Со свечена церемонија во Охрид започна 50-тата Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ, јавува Анадолу.
По интонирањето на химните на Северна Македонија и ИНТЕРПОЛ, следуваше едноминутен молк во чест на загинатите полициски службеници.
Потоа, обраќања имаа претседателот на ИНТЕРПОЛ, генерал-мајор Ахмед Насер ал-Раиси, и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски.
Истакнувајќи дека ИНТЕРПОЛ е создаден пред 100 години во Виена, претседателот Ал-Раиси во неговиот говор рече дека Европа го трасирала патот за организацијата низ светот, додавајќи дека ИНТЕРПОЛ е вкоренет длабоко во регионот.
„Регионот беше клучен играч во успесите на ИНТЕРПОЛ во изминатите 100 години. И покрај оперативните успеси, на хоризонтот има многу реални закани. Меѓународните убиства низ Европа повторно се во пораст по период на опаѓање. Новата генерација на киберзакани е тука. И, се разбира, влијанието на конфликтите и нестабилните економски услови низ светот се протегаат и во Европа“, рече Ал-Раиси.
Зборувајќи за денешниот настан, тој рече дека состанокот има за цел да изгради побезбеден свет. Според него, ова ќе се постигне преку размена на информации од терен, земајќи ги предвид мислењата на техничките експерти и градењето посилно партнерство.
Ал-Раиси истакна дека конференцијата ќе се фокусира на 2 клучни области: „Прво, клучната улога на Европа во борбата против постоечките и новите форми на криминал и второ, важноста на споделувањето информации и соработка низ регионот и светот. Денес Европа е предизвикана од многу видови злосторства. Организираниот криминал е главен предизвик, а различните форми на трговија со луѓе, тероризам и киберкриминал исто така се во пораст. Овие транснационални злосторства не само што ја загрозуваат безбедноста и сигурноста на регионот, туку имаат и ефект на прелевање во остатокот од светот.“
Посакувајќи плодна дискусија во текот на тридневната конференција, министерот Спасовски во својот говор им посака добредојде на присутните, додавајќи дека му претставува чест што Северна Македонија е домаќин на конференцијата.
Тој истакна дека Северна Македонија била и ќе биде стратешки партнер на кој ИНТЕРПОЛ може да се потпре во иднина.
На јубилејната 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ присуствуваат министрите за внатрешни работи и шефовите на полиции од Европа, високи официјални претставници на ИНТЕРПОЛ и експерти од областа на безбедноста.