Almir Terzic
08 Мај 2023•Ажурирај: 09 Мај 2023
ЉУБЉАНА (АА) – Неделното невреме што го зафати источниот дел на Словенија предизвика поплави на објектите, штети на посевите, а се активираа и повеќе свлечишта, јавува Анадолу.
Источниот дел на Словенија вчера беше зафатен од невреме со обилни врнежи од дожд и град. Пожарникарите мораа да ја испумпуваат дождовницата од станбените, деловните и други објекти, гробиштата и спортските игралишта.
Според податоците на регионалните центри за известување, обработени се 43 настани во 18 општини.
Олујните ќелии најпрво се формираа на подрачјето на Похорје и Козјак, а подоцна невремето стигна до Мислињската Долина и Целје. Локално паднаа големо количество дожд и град, при што на места беа предизвикани штети на насадите со овошје и зеленчук.
Вчера попладне водата поплави и повеќе објекти во општините Велење, Горњи Град, Табор и Целје.
Како последица на дождот, кој на места беше проследен со град, активирани се пет свлечишта, од кои едно затрупа трактор. Ветерот собори и дрвја.
Како што соопшти Управата за заштита и спасување на Република Словенија, активирани се пожарникарите од 35 доброволни и две професионални противпожарни бригади. Тие, исто така, ги чистат атмосферските канали, ја испумпуваат водата од поплавените патни тунели, ги пренасочуваат водотеците и поставуваат вреќи за спречување на поплавување на објектите, ја отстрануваат земјата од коловозите и го отстрануваа надојдениот шут од водотеците.