Балкан

Во руски напад оштетени амбасадите на Северна Македонија и Албанија во Украина, МНР упати протестна нота

„На рускиот амбасадор му беше врачена протестна нота со која се изразува силна осуда и протест за нанесената материјална штета од ракетниот напад на руските армиски сили врз Киев, при кој беше погодена и Амбасадата на Република Северна Македонија“

Elena Trenchevska Chekovikj, Fatjon Cuka  | 20.12.2024 - Обновена : 21.12.2024
Во руски напад оштетени амбасадите на Северна Македонија и Албанија во Украина, МНР упати протестна нота

Скопје/Тирана

Во руски напад врз главниот град на Украина, Киев, оштетена е зградата на Амбасадата на Република Северна Македонија, поради што Министерството за надворешни работи и трговија на Северна Македонија упати протестна нота, пренесува Анадолу.

Министерствтото информираше дека попладнево е повикан вонредниот и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин.

„На рускиот амбасадор му беше врачена протестна нота со која се изразува силна осуда и протест за нанесената материјална штета од ракетниот напад на руските армиски сили врз Киев, при кој беше погодена и Амбасадата на Република Северна Македонија“, се вели од Министерството.

Се додава дека при нападот е погодена критичната инфраструктура во Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и Амбасадата на Република Северна Македонија.

„При нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата“, соопшти МНР и додаде дека од страна на надлежните служби извршен е првичен преглед на штетата и преземени се мерки за санирање.

- Во рускиот напад оштетена и Амбасадата на Албанија во Киев -

Министерството за Европа и надворешни работи (МЕНР) на Албанија соопшти дека како резултат на руските напади оштетена е и зградата на Амбасадата на Република Албанија во Киев, при што е повикан на разговор рускиот амбасадор во Тирана.

Во соопштението за медиумите, МЕНР наведува дека утрово, нападите на Руската Федерација во Киев предизвикаа голема штета на неколку области во главниот град на Украина.

„Како резултат на овие напади, надворешната фасада и некои простори во внатрешноста на зградата на амбасадата на Република Албанија во Киев и амбасадите на пет други земји беа делумно оштетени, со што се загрозени животите на дипломатскиот персонал. Пријавена е само материјална штета“, се вели во соопштението.

Понатаму се нагласува дека Министерството за Европа и надворешни работи „недвосмислено ги осудува овие брутални напади“.

„Овој бесмислен чин е напад врз темелите на самата меѓународна дипломатија. Заштитата на дипломатскиот персонал и неповредливоста на мисиите се принципи за кои не може да се преговара, кои мора да се почитуваат и целосно да се применат“, се вели во соопштението.

Објавено е дека во врска со нападот, на разговор во МЕНР бил повикан рускиот амбасадор во Тирана, Заицев Алексеј Анатолиевич.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.