Admir Fazlagi
09 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија се потврдени три нови случаи на коронавирус (Ковид-19), со што бројот на лица кај кои е потврден овој вирус во земјата се зголеми на седум, потврди Министерството за здравство на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Од осумте тестирани пациенти на корона вирус попладнево, тројцата членови на семејството на сопружниците од дебарско се позитивни, а останатите петмина се негативни на корона вирусот. Позитивните пациенти, од петокот, 6 март, беа во домашна изолација со решение за Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), а од вечерва ќе бидат хоспитализирани и лекувани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје", соопшти Министерството за здравство на Северна Македонија.
Трите лица кај кои е потврден коронавирусот се роднини на сопружниците од Дебар кои во земјата стигнале од северна Италија на 27 феврури, за кои министерот за здравство Венко Филипче на 6 март информираше дека имаат коронавирус.
Потсетуваме, министерот Филипче на денешната прес-конференција информираше дека доцна синоќа на Клиниката за инфективни болести беше дијагностициран уште еден случај на пациентка позитивна на коронавирусот. Министерот истакна дека станува збор за лекарка, директорка на Клиниката за кожни болести, која допатувала од Италија пред една недела и не ја исполнила двонеделната препорака за самоизолација.
Првично откриен во кинескиот град Вухан во декември, вирусот којшто официјално е познат како Ковид-19 се рашири во повеќе од 80 земји.
Според Светската здравствена организација (СЗО), вкупниот број на починати е околу 3.800 со над 110.000 потврдени случаи.
СЗО, која ја прогласи епидемијата за вонредна меѓународна здравствена состојба, неодамна го ажурираше глобалното ниво на ризик на „многу високо“.