Furkan Abdula
27 Февруари 2021•Ажурирај: 01 Март 2021
СКОПЈЕ
Во Скопје, во организација на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) и Фондацијата за хуманитарна помош ИХХ одржана е церемонија по повод поставување споменик за шехидите на движењето „Јуџел“, кои пред 73 години, ги жртвуваа своите животи за одбрана на националните и моралните вредности на Турците, јавува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата која се одржа во Основното училиште „Тефејуз“ присуствуваа Министерот за земјоделство и шумарство и водостопанство на Република Турција Бекир Пакдемирли, амбасадорот на Турција во Скопје Хасан Мехмет Секизќок, главниот советник во турското Претседателство, Сабри Демир, член на Управниот одбор на ИХХ, Осман Аталај, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, турски политичари од Северна Македонија и Косово, претставници на турски институции и организации во земјата и други гости.

Во рамките на церемонија беше откриена спомен-плочата „Шехидити на движењето Јуџел“ подигната во дворот на Основното училиште „Тефејуз“.
Министерот Пакдемирли, во својот говор, потсетувајќи дека неговиот дедо во 1923 година од Велес емигрирал во Турција рече: „Османлиската империја како една од најголемите светска империи која владеела 600 години, можеби и најголемата во тој период, освои многу места, влезе во многу земји, и во тие земји воспостави општествен живот со луѓето од различни вери, различен јазик и раса. Во сите тие места не е спроведена политика на асимилација и прогон. Всушност, го направи тоа што требаше да се направи. Тоа беше една од главните причини зошто Османлиите беа моќни.“
Потсетувајќи дека многу општества од турската и исламската географија биле соочени со имиграција и сериозни прогони во текот на 20 век, Пакдемирли продолжи со зборовите:
„Ако во тоа време постоеше Организацијата „Јуџел“, можеби нашиот дедо ќе останеше тука, и ќе се бореше со нив. Но, во тоа време тој одлучи да избега од таа суровост и го спаси својот живот. Својот имот го остави тука. На некој начин се засолни во Турција, или тогашна османлиска земја.“

Посакувајќи милост од Господ за шехидите од движењето „Јуџел“, рече: „Она што тие го сторија е голем, многу возвишен чин. Занемарувајќи го сопствениот живот, тие се бореа против тиранската администрација.“
Меѓу другото, Пакдемирли истакна дека откриената спомен-плоча „Шехидити на движењето Јуџел“ ќе се памети стотици години.
Амбасадорот на Турција Хасан Мехмет Секизќок потсетувајќи дека движењето „Јуџел“ дало голем придонес за образованието и опстанокот на турската популација во овие региони, рече: „Тие со својот херојски став покажаа дека на Балканот нема да се отстрани турскиот идентитет од земјите на нивните предци.“
Истакнувајќи дека идните генерации исто така ќе ја прифатат турската култура и ќе го чуваат наследството на движењето „Јуџел“, амбасадорот Секизќок рече дека ја поздравува одлуката донесена од Советот на општина Чаир имињата на „Јуџел“ шеихидите да им бидат дадени на улици во општината.
Претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, истакнувајќи дека сѐ уште работат на пронаоѓање на гробниците на членовите на „Јуџел“, рече: „Да не беше случајот со движењето „Јуџел“, можеби ќе немаше имиграција. Доколку немаше имиграција, денес тука ќе имаше повеќе Турци и муслимани и ќе беа во поинаква ситуација.
Градоначалникот на Чаир, Ганиу, истакна дека споменикот на турското национално движење „Јуџел“ е подигнат токму таму каде што младите генерации го прават својот прв чекор кон науката.
На церемонијата член на Факултетот за ориентални студии во тетовскиот Државен универзитет Проф. Д-р Сулејман Баки исто така направи презентација за историјата на движењето „Јуџел“.
- Движење „Јуџел“
Турците коишто живееја во Северна Македонија, во 1937 година почнаа да се обединуваат со цел да ги сочуваат своите национални и духовни вредности, обичаи и традицијата.
Во 1945 година на организацијата ѝ беше дадено името „Јуџел“ . За претседател на организацијата беше назначен Шуајб Азиз Ефенди, кој се школувал во скопската медреса „Атаулах Ефенди“, а студиите ги продолжи на Универзитетот „Ал Азхар“ во Египет, каде што студирал во областа на верското право, мистицизмот и филозофијата на западниот свет.
Во рамките на напорите на поранешна Југославија за елиминирање на сите национални организации, во август 1947 година беа приведени 16 лица, за кои започна судски процес.
На 25 јануари 1948 година судот на смртна казна осуди четворица членови на движењето „Јуџел“. Шуајб Азиз, Адем Али, Али Абдурахман и Назми Омер беа стрелани на 27 февруари истата година. Останатите притворени членови на „Јуџел“ беа осудени на тешки затворски казни.