Furkan Abdula
04 Ноември 2022•Ажурирај: 07 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - На плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска започна 4. Пчеларски саем на Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Четвртиот пчеларски саем го отвори Јане Марков, претседател на Пчеларската федерација на Македонија, која е и организатор на саемот.
Покровител на Саемот кој ќе трае до недела е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, а домаќин е Град Скопје.
Марков во своето обраќање истакна дека на одреден дел на штандовите ќе се нуди пчеларска опрема за потребите на пчеларите.
„На оваа централна манифестација ќе земат учество повеќе од 20 изложувачи од сите краеви на нашата република. На штандовите ќе бидат изложени медот и сите пчелни производи. Притоа ќе можете да дегустирате и да си обезбедите од овие квалитетни производи“, нагласи тој.
Марков истакна дека пчеларството во Северна Македонија оди во нагорна линија.
„Имаме пчелари од сите бранши, од сите старосни структури и од спротивниот пол. Станува фамилијарен бизнис со традиција и голем број млади се определуваат за пчеларството како основен бизнис“, рече тој.
Марков укажа на влијанието на енергетската криза врз овој бизнис, и додаде: „Енергетската криза си го прави своето. Ако досега за една посета на пчеларникот се трошела одредена сума пари во гориво, сега потрошувачката е зголемена на повеќе од 100 отсто. Се планира да се смени и правилото за субвенции за пчеларите. Тоа треба сериозно да се размисли, бидејќи претставува опасност голем број пчелари да се откажат од пчеларењето, а со тоа да биде загрозена нашата животна средина.“