Ahmet Erkan Yiğitsözlü
21 Декември 2015•Ажурирај: 22 Декември 2015
ОСМАНИЕ (АА) - Медот со црвена боја кој пчеларот Сахин Есер го пронајде во една од 45-те кошници го изненади не само него, туку и неговите сограѓани во Османие во јужна Турција, јавува Anadolu Agency (АА).
"Кога ја отворив кошницата за мед видов црвен мед. Медот во шесте рамки во кои пчелите го затвораат материјалот после полнењето со мед, е целосно црвен. Другите кошници содржат мед со нормална боја, онаква каква што се среќава во овој регион. Го покажав медот и на другите пчелари и сите беа изненадени", рече Есер кој со пчеларство се занимава речиси една деценија. Тој додаде дека никогаш не видел црвен мед.
Пчеларот за пронаоѓањето на овој мед ја извести и надлежната институција која зеде примероци од медот и пчелите од кошницата, но исто така и од околните растенија за да се утврди причината за овој феномен. Претседателот на Здружението на пчелари на Османие, Емин Гафароглу, исто така, рече дека никогаш не видел нешто слично, додавајќи дека овој регион е богат со разни видови на растенија.
"Прв пат се среќавам со мед со ваква боја и вкус. Не знаеме каде биле пчелите што донеле таков нектар и произвеле ваков мед. Изгледа добро, бојата, вкусот и мирисот се различни. Пчелите во потрага за растенија може да одат и до шест километри оддалеченост од кошницата. Меѓутоа, резултатите ќе бидат утврдени врз основа на испитувањето", рече Гафароглу.
Професорот од локалниот Ветеринарен факултет ,Аднан Боздаган, вели дека вакво нешто е реткост и дека по направените лабораториски анализи ќе се знае многу повеќе за овој мед.