Admir Fazlagic
18 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје синоќа е прикажан документарниот филм „Судењето на Ратко Младиќ“ („The Trial of Ratko Mladic“) во режија на Роб Милер и Хенри Сингер во кој се прикажува судењето на генералот на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој е прогласен за виновен за геноцидот во Сребреница и за злосторства против човештвото од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Прикажувањето на документарниот филм за судењето на Ратко Младиќ е дел од филмскиот фестивал „Movies that Мatter“ во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Скопје и Амбасадата на Кралството Холандија.
Филмот започнува со прикажувањето на сведоците во судот во Хаг. Првиот сведок на судењето на Младиќ беше Елведин Пашиќ, кој сведочеше за масакрот во село во Котор Варош. Пашиќ во емотивното сведочење повторно преживеа траума и молеше да му помогнат да го најдат татко му. Филмот ги прикажува и другите сведоци кои говорат за злосторствата на Младиќ.
„Судењето на Ратко Младиќ“, во режија на Роб Милер, е филм чии креатори имале ексклузивен пристап до тимот обвинители, адвокатите на одбраната, сведоците кои се охрабриле да говорат пред судот и членовите на семејството на обвинетиот. Оваа приказна за правдата, одговорноста и траумите од војната го следи правниот процес пред Меѓународниот суд за злосторства во поранешна Југославија, кој се одвиваше 530 дена, со 592 сведоци и со речиси 10 илјади опфатени докази“, се вели во описот на филмот од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Скопје.
Паралелно со наративите од судењето, филмот ги следи современите приказни од Босна и Херцеговина. Една од овие приказни е откривањето на една од најголемите масовни гробници од војната во БиХ, Томашица кај Приједор, а другата приказна е за една млада муслиманка која и по 20 години сè уште го бара својот татко откако тој бил одвлечен од нивниот семеен дом.
Филмот ги прикажува и приврзаниците на Младиќ и неговото семејство и одбраната, кои ги отфрлаат наводите на судот.
Продукцијата на документарецот траела осум години, започнувајќи во 2011 година, на денот кога Младиќ беше уапсен по 16 години поминати во бегство.
Поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС) со првостепена пресуда што му е изречена во ноември 2017 година од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, осуден е за геноцид во Сребреница, прогон на Бошњаците и Хрватите низ БиХ, тероризирање на цивилното население на Сараево и земање на припадниците на мировните сили на ОН како заложници. Младиќ првостепено осуден на доживотен затвор.
Во геноцидот врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година извршен од страна на Војската на Република Српска беа убиени најмалку 8.732 цивили.
- „Ова не е филм, ова се човечки судбини"
По прикажувањето на филмот се одржа панел-дискусија, која ја модерираше извршната директорка на Хелсиншкиот комитет во Скопје, Уранија Пировска. На панел-дискусијата говореше универзитетскиот професор по Меѓународно право, Љубомир Фрчкоски, кој во својата политичка кариера беше поранешен министер за внатрешни работи, а потоа и министер за надворешни работи.
Во контекст на филмот, Фрчкоски рече дека судењето на воените злосторства треба да биде основа на следната фаза - помирување, но според неговото мислење помирувањето во Босна и Херцеговина нема да се случи.
„Помирување во Босна нема да се случи. И таму нема две страни. Всушност има една страна, тоа е страната на жртвите. Останатите се злосторници едноставно, со својата вистина со која не можат да се помират. По тој вид на злосторства, настанува само тишина и не постои процес на помирување и тоа таму нема да се случи“, рече Фрчкоски и додаде:
„Другото прашање кое мене ме интересира е како човек станува ѕвер? Бидејќи да се убие друго човечко битие создава анксиозност, имате отпор, освен ако не сте социопат. За да го убиете и тоа да биде подносливо, да биде прифатливо и дури да биде свето, мора некој да ви постави рамка дека тоа е некаква мисија и тоа го прави таа националистичка црна реторика.“
„Ова не е филм, ова се човечки судбини, на луѓе кои растеле имале пријатели, желби, соништа и планови и тие планови се прекинати“, истакна политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, кој беше вториот учесник на панел-дискусијата.
„Сараево е град кој добил 4 милиони гранати за 4 години и во кој луѓето убивале луѓе кои не ги знаат, но вдуховени со таа филозофија дека нивниот национален опстанок зависи од уништувањето на босанскиот народ тие биле охрабрувани да го уништат целиот народ за да можат да преживеат. Знаете колку таа логика е психотична? Ратко Младиќ може да каже што сака, он само бара изговор за злоделата што ги направил. Таму немало лични омрази. Таму имало колективни омрази кон една заедница, се труделе таа заедница да ја уништат и таа земја да ја очистат од луѓето со кои секојдневно живееја“, рече Муслиу.