Furkan Abdula
07 Март 2021•Ажурирај: 08 Март 2021
СКОПЈЕ
По повод 8 Март - Светскиот ден на жената, денес во Скопје се одржа женско ревијално рели, на кое учествуваа жени возачи од земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Настанот е организиран од Автомобилистичката федерација на Македонија, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт.
По повод 8 Март - Светскиот ден на жената, денес во Скопје се одржа женско ревијално рели, на кое учествуваа жени возачи од земјата. Настанот е организиран од Автомобилистичката федерација на Македонија, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт. ( Furkan Abdula - Агенција Анадолија )
Потпретседателката на Автомобилистичката федерација на Македонија, Кристина Станојковска, во нејзиното обраќање нагласи дека преку овој настан ја подигнуваат свеста и инволвираноста на жените во мотоспортот.
„И оваа година уште еднаш ќе покажеме дека и жените се вешти возачи“, рече таа, додавајќи дека нивната цел е да ја одржат традицијата на овој настан, но и да го прошират низ другите градови во земјата.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, истакна дека нивната поддршка како АМС секако дека ќе продолжи во оваа насока, и додаде: „Го прогласувам ова рели за отворено и се надевам дека ќе победи жената.“
Според организаторите, натпреварот се состои од 2 етапи, во кои натпреварувачите се натпреваруваат во четири категории, а женскиот екипаж се состои до два члена, односно возач и совозач.
Во категорија 1 се возила со мотор до 1.200 ссм, во категорија 2 возила со мотор до 1.600 ссм, во категорија 3 возила со мотор до 2.000 ссм, и во категорија 4 возила со мотор над 2.000 ссм.
Првата етапа од натпреварот е во должина од 12 километри и се вози низ сообраќајниците во Скопје по патна книга што ја обезбедува организаторот.
Екипажите треба да ја поминат етапата во зададеното максимално време од 45 минути, притоа застанувајќи на предвидените контролни точки и почитувајќи ги сите сообраќајни правила и прописи.
Втората етапа од натпреварот е брзински испит во вешто возење т.н. гимкана. Стартот е од место со стартувано возило.
Се стартува на знакот на стартерот, а по поминувањето низ целта без застанување натпреварувачот продолжува со возењето кон предвидениот простор и го завршува натпреварот.