Dzihat Aliju
21 Јануари 2025•Ажурирај: 23 Јануари 2025
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје денеска се одржа првиот состанок од проектот „GreenLens: Environmental and Climate Journalism Training“, кој опфаќа обука на медиумски работници од областа на новинарството за животната средина и климата, предводен од Агенција Анадолу (AA).
На состанокот што се одржа на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје присуствуваа директорката на Академијата на АА, Зејнеп Бајрамоглу Озтурк, заменик директорот на Секторот на АА за проекти на ЕУ и развој на бизнис-спонзорства, Хакан Ѓувенлиоглу, како и претставници од Националниот истражувачки центар за поморско право при Универзитетот во Анкара, „Jeunesse“ (Франција), Институтот ПОЛИС (Северна Македонија) и EDITURA ERUYSAL SRL (Романија).
Во својот говор, директорката на Академијата на АА, Озтурк истакна дека во рамките на овој проект, кој се спроведува под координација на АА, ќе обезбедат обука за вкупно 100 медиумски професионалци и студенти.
Озтурк изјави дека во рамките на проектот ќе се одржат вкупно четири обуки во групи од 25 лица.
„Има еден важен аспект од овој проект. Како што знаете, во 86 отсто од медиумите доминираат мажи. Но, со оваа обука ѝ дадовме значење на родовата еднаквост. Активноста ќе ја спроведеме со 50 жени и 50 мажи“, изјави таа.
Од друга страна, заменик директорот на Секторот на АА за проекти на ЕУ и развој на бизнис-спонзорства, Ѓувенлиоглу, изјави дека проектот, кој започна со поддршка на ЕУ и Турската национална агенција, ќе трае две години.
„Не треба да се гледа само како Анадолу. Еколошкиот и климатскиот проблем е проблем на сите новински агенции, на сите општества и секој мора да го даде својот дел за подобро утре. Како Анадолу, ги поставивме темелите на овој проект за да го истакнеме овој проблем и да ја подигнеме свеста. На крајот од овие две години, се надеваме дека ќе имаме 100 меѓународни новинари во овој сектор“, додаде тој.
Исмаил Синани, претставник на Институтот ПОЛИС како домаќин на активноста, истакна дека сакаат да ја зголемат еколошката свест во рамките на овој проект предводен од АА.
На состанокот беше претставен проектот и беа потпишани договори за партнерство.
- Проектот е првиот што ја зема во предвид родовата еднаквост во медиумската област -
„GreenLens: Environmental and Climate Journalism Training “, проект Еразмус+ KA220-YOU (Стратешка соработка на областа на младите) подготвен од АА и доставен до Турската национална агенција, вклучува обука на млади новинари и медиумски професионалци за еколошки прашања и климатските промени.
Проектот е и првиот што ја зема предвид родовата еднаквост во медиумската област. Во овој контекст, има за цел да ја подигне свеста и да го зголеми знаењето на јавноста за прашањата на климатските промени, одржливоста и заштитата на животната средина преку обезбедување обука за 100 членови на медиумите, 50 жени и 50 мажи, кои живеат во Романија, Северна Македонија, Франција и Туркије.
Првиот состанок од проектот ќе продолжи утре.