Dzihat Aliju
04 Јуни 2024•Ажурирај: 05 Јуни 2024
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје денес се одржа трибината насловена „Мустафа Кемал Ататурк и Битолското воено училиште“, јавува Анадолу.
На панелот организиран под покровителство на турската Амбасада во Северна Македонија и во соработка со Истражувачкиот центар Ататурк (ATAM) и Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), присуствуваа амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, претставници на ATAM и ИБУ, институции и турски организации во земјата, како и академици и студенти.
Амбасадорот Улусој во својот говор истакна дека Ататурк е државник почитуван не само во Туркије, туку и во целиот свет и дека неговата визија, предвидувања и реформи не само што ја направија Туркије модерна држава, туку и ја обликуваа светската историја.
„Годините поминати во овие краишта за Ататурк одиграа важна улога во обликувањето на неговиот воен и интелектуален живот“, рече Улусој, кој додаде дека Битолското воено училиште каде што го започнал своето образование во 1896 година, му дало на Ататурк широка перспектива на многу полиња, како што се историјата, литературата и науката.
„Космополитската атмосфера на Битола, која во тоа време се нарекуваше ’Град на конзулите’, му понуди на Мустафа Кемал можност да има длабоко познавање на политичката динамика на Балканот и Европа“, изјави Улусој, додавајќи:
„Ова знаење и искуство одиграа важна улога во воените и политичките стратегии што ги разви во следните години. Мустафа Кемал работеше со голема волја за време на неговиот образовен живот во Военото училиште и внимателно ги следеше актуелните настани. Ататурк по военото образование служеше војска од фронт на фронт и како резултат на неспоредливата ослободителна војна, ја основа Република Туркије за која рече дека е ‘негово најголемо дело’“.
Директорот на научни трудови во АТАМ, Омер Орхан, објасни дека институцијата со која раководи е основана со цел да развие научно истражување за историјата на Ататурк и Република Туркије.
Потсетувајќи дека како институција организираат низа научни активности на тема „Стапките на Мустафа Кемал Ататурк во Европа“, Орхан рече: „Оваа наша активност е дел од таа серија. Ова е петтиот дел. Ататурк е балканско дете и на Балканот и во Европа бил сведок на многу настани кои влијаеле на неговиот живот“.
„Во рамките на ова, оваа серија ја започнавме прво во Германија“, рече Орхан, кој додаде дека слични настани организирале и во Чешка, Бугарија, Италија и Грција, а серијата ќе ја завршат во Србија и Австрија.
Проректорката на ИБУ, Сејхан Муртезан Ибрахими, го изрази своето задоволство за организацијата на ваков настан, истакнувајќи: „Ова мора да е случајност, бидејќи неодамна, минатата недела одбележавме две многу важни имиња за Балканот и пошироко. Еден од нив е и Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Туркије, каде исто така и денеска ќе има говори поврзани со неговите впечатоци на Балканот. Минатата недела организиравме дводневен симпозиум за Јахја Кемал Бејатли, едно од значајните имиња на турската литература.“
Во рамките на програмата беше прикажан промотивниот филм на АТАМ, а под диригентство на членот на Научниот одбор на АТАМ, проф. д-р Селма Јел, свои научни трудови презентираа членот на Научниот одбор на АТАМ проф. д-р Севтап Демирџи и професорите од ИБУ, доц. д-р Мурат Јусуф Онем и д-р Екрем Дестанов.