Abdula Berisha
04 Јуни 2024•Ажурирај: 06 Јуни 2024
СКОПЈЕ (АА) – Од Северна Македонија отпатуваа првите групи муслимански верници кои патуваат во Саудиска Арабија за да исполнат една од петте столбови во исламот – аџилакот, јавува Анадолу.
Првата група од 180 аџии ја сочинуваа верниците од Скопје, па Меѓународниот аеродром во Скопје беше преполн со членовите на семејствата кои дојдоа да ги испратат своите најблиски.
На аеродромот присуствуваше и поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), реис-ул-улема Шаќир Фетаи, кој изјави дека чувствува особено задоволство да ја испрати првата група верници кои заедно со своите семејства ја доживуваат „најголемата радост на нивните животи“.
„Им честитаме на сите семејства кои ги придружуваат членовите на нивните семејства, нивните татковци, нивните браќа, нивните мајки до светите места, но во исто време го молиме Семоќниот Алах аџиите да имаат убав пат, таму во светите места Бог да им даде многу здравје, долг живот и нека даде Возвишениот Господ успешно да ги извршуваат сите верски обврски кои се потребни за извршување на аџилакот и безбедно да се вратат во татковината, кај нивните семејства со прифатен аџилак“, рече Фетаи.
Тој појасни дека годинава од Северна Македонија во светата земја патуваат 2.040 аџии, додавајќи дека надлежните органи на ИВЗ завршиле одлична работа со подготовките.
„Тоа го потврдува фактот што Саудиска Арабија, Министерството за аџилак, ја има рангирано ИВЗ на Република Северна Македонија на петтото место со сите земји во светот поради прецизноста и брзината. Тоа е посебна почит и признание од Саудиска Арабија“, рече поглаварот на ИВЗ, изразувајќи уверување дека придружните тимови, вклучително и водичите и медицинските тимови, ќе им служат на најдобар начин на аџиите во Мека и Медина.
И скопскиот муфтија Ќенан Исмаили рече дека целата организација на ИВЗ била на многу високо ниво на професионалност, во соработка со сите локални институции.
„Тука ги спроведовме сите процедури. Таму веќе имаме дел од тимот, кои се во Џеда и Мека, каде ги чекаат првите аџии кои ќе слетаат таму и мислам дека ќе се реализира сѐ како што е испланирано. Пред сѐ аџиите да бидат здрави и да ни се вратат назад со прифатен аџилак“, рече Исмаили.
- „Еднаш да отидеш, твоите мисли остануваат таму“ -
Еден од аџиите, 50-годишниот Исмаил Ахмети од Скопје, вели дека порано бил на светите места за да изврши умра, но нагласува дека првпат оди на аџилак и дека ова му претставува посебно задоволство.
„Алах ни овозможи оваа година да одиме на аџилак, така што задоволството е големо. Такво е местото таму, кога еднаш ќе отидеш таму, твоите мисли остануваат таму цело време“, рече Ахмети.
Имамот на џамијата во скопското село Арачиново, 47-годишниот Шефкет Бафтјари, вели дека неколку пати бил на аџилак, служејќи и како водич, но нагласува дека секогаш се моли на Бога да отпатува и наредната година.
„Ние често патуваме на светите места, нормално тоа што најмногу нѐ привлекува, не е улогата на водич, туку да одиме како аџии. Тешко ми е да ви кажам колку пати сме патувале, но сме се молеле на Алах како и секогаш, секоја година да одиме таму, исто така се молиме на Бога секој верник да оди таму“, рече Бафтјари.