Seyyid Emin
24 Јули 2020•Ажурирај: 25 Јули 2020
СКОПЈЕ
Во централните џамии низ Северна Македонија се одржаа молитви на благодарност по повод отворањето на Големата џамија „Аја Софија“ за намаз, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со писмата испратени од страна на Исламската верска заедница на Северна Македонија и Советништвото за верски прашања при Амбасадата на Турција во Скопје до муфтиствата во Северна Македонија, за време на проповедта (хутбата) во централните џамии низ земјата беа дадени информации околу отворањето на Големата џамија „Аја Софија“.

Пред петочната молитва (џума намазот) во Мурат-пашината џамија во Скопје, беа извршени молитви по повод отворањето на Големата џамија „Аја Софија“ за намаз. Молитвата се одржа под водство на советникот за верски прашања при турската Амбасада во Скопје, Мурат Алкан.
Хатибот на Мурат-пашината џамија во Скопје, Сулејман Баки, во хутбата говореше за историјата и важноста на „Аја Софија“, истакнувајќи дека „Аја Софија“ е важно дело за човештвото.
Баки нагласи дека луѓето од овие простори се среќни што „Аја Софија“ е повторно отворена како џамија, и додаде: „Аја Софија е круна на сите џамии во Румелија и на Балканот.“
По 86 години, денеска се клањаше првиот џума намаз во Големата џамија „Аја Софија“ во Истанбул, со учество на илјадници лица во џамијата и нејзината околина.