Andelija Stojkovic
09 Декември 2018•Ажурирај: 10 Декември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денес оцени дека синоќешните протести во Белград минале демократски, бидејќи немало полицајци на улиците, ниту насилство, како во одредени западни земји, но ѝ порача на опозицијата дека тој не им подлегнува на притисоците и дека нема да ѝ ги исполни барањата, јавува Anadolu Agency (АА).
„Државата се однесуваше многу одговорно, немаше ниту еден полицаец, немаше крвави глави како во некои земји што ни држат говори... Отидоа, шетаа, прошетаа, тоа е нормално“, изјави Вучиќ за новинарите во Белград по трибината „Силни жени за силна Србија“.
Тој додаде дека на сите им е јасно дека синоќешниот протест „Стоп на крвавите кошули“ е политички и опозициски, но дека тоа не го исклучува тоа дека може да биде и граѓански.
Вучиќ истакна дека опозицијата немала ниту една сериозна порака, но дека синоќа извлекол поука и дека забележал дека на протестот имало многу луѓе на возраст од 40 до 60 години, кои не се губитници од транзицијата, кои биле средна или висока средна класа, а кои сега се незадоволни.
„Овие луѓе се незадоволни, тие не се сиромашни луѓе, тоа се луѓе кои му припаѓале на повисокиот среден слој, ќе мораме по тоа прашање да работиме повеќе“, рече Вучиќ.
Тој додаде и дека не е фасциниран од никакви протести, ниту дека ќе подлегне на притисоци и ја запраша опозицијата што сака.
„Јас нема да ви исполнам ниту едно барање, и ако се соберете и пет милиони. Може да добиете само избори - е, кога ќе ги добиете изборите, исполнувајте го ветеното на народот, а јас нема да работам под притисоци и по тоа се разликувам од сите други“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека му пречело тоа што „албанските медиуми јавиле дека на улиците на Белград имало тенкови поради демонстрациите“, и истакна дека тоа не било точно.