Admir Fazlagikj, Besar Ademi
22 Ноември 2015•Ажурирај: 23 Ноември 2015
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Во раните утрински часови од Грција на македонската јужна граница пристигна нова група на бегалци и економски мигранти. Бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан се пропуштаат додека економските мигранти сеуште остануваат заглавени на македонско-грчкиот граничен премин, јавува Anadolu Agency (AA).
Моментално, на македонско-грчката гранична линија се наоѓаат над илјада бегалци и мигранти. Економските мигранти кои веќе трет ден останаа на граничниот премин се изреволтирани и протестираат барајќи да бидат пуштени. Зголемен е и бројот на безбедносните сили кои ја штитат границата, а пристигна и грчката полиција за да помогне во воспоставување на редот.
Тие протестираат извикувајќи: „Отворете ги границите”, „Ве молиме помогнете ни”и „Сакаме слобода”.
Прифатниот камп за бегалците во Гевгелија е преполн, како и просторот од границата до прифатниот камп кои чекаат да бидат регистрирани за да може да ја поминат границата.
Според синоќешните информации од УНХЦР, повеќе од шест илјади бегалци ја поминаа македонската јужна граница во текот на вчерашниот ден.