БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денес упати молба и апел до партнерите од Европската Унија (ЕУ) посилно да влијаат на Приштина да ги укине таксите, бидејќи е важно да се продолжат разговорите за иднината на Србите и Албанците, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги молам нашите партнери од Европската Унија да бидат поодредени и појасни, не затоа што би се радувал на тоа или сакам да кажам дека другата страна е виновна, туку затоа што сакам да разговараме, посебно за иднината на Србите на Косово, но и за иднината на Србија“, изјави Вучиќ на прес-конференцијата во Белград.
Тој уште еднаш ја замоли и Приштина да ги укине таксите.
„Ние сме многу подготвени секогаш да разговараме, да видиме и до кај се стигнало со Заедницата на српските општини, да видиме што планираат“, изјави Вучиќ.
Според неговите зборови, одговор на партнерите од ЕУ и Приштина е да им кажат дали ќе има укинување на таксите, а доколку не сакаат, тогаш е фер да се пружи шанса на идејата премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, да го тргне од власт, а прилика за тоа се изборите.
Вучиќ, на прашањето за неговата изјава дека без Русија нема решение за Косово, укажа дека не се разговарало за форматите на дијалог.
Како што додаде тој, за Србија е од пресудно значење и гасниот договор кој вчера е постигнат со Путин.
Вучиќ изрази очекување дека до крајот на 2019 година ќе биде завршен централниот гасовод низ Србија, од границата со Бугарија до границата со Унгарија, со должина од 402 километри, кој ќе биде дел од „Турски тек“ и преку него ќе биде доставуван рускиот гас.
„Тоа ќе биде од суштинско инфраструктурно стратешко значење за иднината на Србија, огромна инвестиција значајна за индустријализацијата и раст на бруто домашниот производ (БДП). Финансирањето ќе го поделат српската и руската страна, ќе видиме во кој обем“, изјави Вучиќ.
На прашањето на новинарот дали постои загриженост дека ЕУ ќе ја спречи изградбата на гасоводот „Турски тек“ низ Србија, како што го спречи и „Јужен тек“, Вучиќ изјави дека се големи шансите да биде изграден тој гасовод бидејќи со него гасот ќе биде доставуван и до членките на ЕУ.
„Лицемерно би било да се спречи Србија да добива руски гас, а истовремено земјите на ЕУ користат голема количина на тој гас“, изјави Вучиќ и наведе дека минатата година Русија испорачала повеќе од 200 милијарди кубици гас на земјите на ЕУ, а на Србија еден отсто од таа количина.
Тој истакна дека за Србија е најевтин рускиот гас и дека не сака да плаќа рекет никому за Србија да набавува поскап гас од некоја друга земја.
Претседателот на Србија наведе дека за земјата е важно и договорено проширувањето на гасното складиште „Банатски двор“, од 450 на 750 милиони кубици, бидејќи секогаш ќе може да се интервенира кога ќе дојде до недостаток на тој енергент.
Вучиќ изјави дека сегашната потрошувачка на гас во Србија е околу 2,15 милијарди кубици, а дека за неколку години ќе биде 3,5 милијарди кубици.
Со руските партнери, како што истакна тој, се договорени и големи инвестиции во железничката инфраструктура, бидејќи тој вид на превоз е иднината.
Тој најави дека на Војската на Србија во текот на оваа година ќе ѝ бидат испорачани седум нови хеликоптери од Русија, што, како што изјави, со деветте хеликоптери на Ербас „Н-145“ кои се веќе купени за потребата на Војската и полицијата, значи дека Србија ќе добие повеќе исправни и многу повредни летала отколку во претходните 30 години.
„Оваа година добиваме седум нови хеликоптери, четири „Ми-35“ кои се меѓу најмодерните и најдобри борбени хеликоптери на светот. Гледам дека некои во опкружувањето коишто развиваат омраза кон Србија и мене ги нарекуваат „Ѓаволски кочии на Вучиќ“, тоа не се никакви кочии, тоа се прекрасни летала, многу моќни за одбрана на земјата“, изјави Вучиќ.
Тој изјави дека од Русија во текот на годината ќе стигнат во Србија и три нови транспортни хеликоптери „Ми-17“.
„Со деветте хеликоптери „Н-145“ кои ги купивме од Ербас, оваа година ќе добиеме повеќе исправни и многу повредни летала отколку во претходните 30 години. Тоа зборува доволно за состојбата на нашиот буџет, за нашите јавни финансии“, изјави српскиот претседател.
Вучиќ додаде дека ќе биде продолжена модернизацијата на 14 ловечки авиони „MiG-29 RV“ и „PVO“, со вградувањето на, како што рече, „најмодерни радарски системи“.
„Тие го чуваат нашето небо од сите натрапници и суштината е кој кого попрво ќе го види во воздух, бидејќи ракетите воздух-воздух се повеќе или помалку слични. Тој што прв ќе го види противникот во воздух, има предност, затоа посебно вложивме во радарите за нашите авиони. Сето тоа треба да биде завршено до половината на 2020 година и тогаш одбранбената моќ на Србија би била зголемена значајно во однос на сето она што досега го имавме“, изјави Вучиќ.