Nazlı Yüzbaşıoğlu
10 Јануари 2018•Ажурирај: 11 Јануари 2018
АНКАРА (AA) - НАЗЛИ ЈУЗБАШИОГЛУ -
Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, во интервју за Anadolu Agency (AA) изјави дека нејзината земја ѝ посакува успех на Босна и Херцеговина (БиХ) на патот кон членството во Европска Унија (ЕУ).
„Босна и Херцеговина сакаме да ја видиме како земја која остварува напредок на патот кон членството во ЕУ, земја кандидат која успешно води преговори за членство како и земја со активен Акционен план (МАП) за членство во НАТО. Турција и Хрватска како членки на НАТО можат заеднички да работат на поддршката на БиХ во тој контекст, во контекст на НАТО“, изјави Грабар-Китаровиќ.
Хрватската претседателка потсети на важната улога на Хрватска и Турција кога е во прашање поддршката на БиХ во вид на одредени претходни посредувања и олеснувања.
„Сега е време да го работиме истото тоа. Земјата (БиХ) влезе во еден период на стагнација“, рече Грабар-Китаровиќ.
Таа напомена: „БиХ, за жал, губи внимание од голем број земји членки на Европската Унија“.
„Генерално, мирот или барем 'привидниот мир' кој моментално го гледаме ги прави луѓето задоволни. Меѓутоа, ситуацијата во еден момент може да се искомплицира од безбедносни или од економски причини. На земјата ѝ е потребна поволна атмосфера која би овозможила економски, политички и напредок во други области како што се спроведувањето на реформи, а сето тоа во корист на граѓаните на БиХ. Како што знаете, во БиХ оваа година ќе бидат одржани избори. Моменталната ситуација во врска со новиот изборен закон е неизвесна. Заедно со Турција можеме да придонесеме за договор пред сѐ помеѓу Хрватите и Бошњаците во Федерацијата БиХ, но и помеѓу сите три народи во БиХ. Мораме да ја поддржиме како суверена, територијално интегрирана држава, но и тоа навистина сака политичка еманципација која чекавме државните институции да ја преземат за да бидат во можност да донесат одлуки во име на народот“, појасни Грабар-Китаровиќ.
- Поддршка за правда за жртвите и казнување на одговорните за злосторствата -
Оценувајќи ја работата на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, кој по повеќе од две децении заврши со работа, Грабар-Китаровиќ рече дека ја поддржува правдата за жртвите и казнувањето на одговорните за злосторствата.
„Ние бевме една од земјите кои се залагаа за отворање на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија и една од земјите основачи, бидејќи сакавме жртвите да дочекаат правда, а поединци да се осудат за злосторствата за кои се обвинуваа“, рече хрватската претседателка.
Во генерална смисла, Грабар-Китаровиќ смета: „Хашкиот трибунал беше успешен во својата работа, но имаше и повеќе недостатоци па и поради административните процеси неговата работа е успорена и тоа беше причина поради која жрвите не можеа да ја добијат правдата пред тој суд“.
- „Турција беше со Хрватска кога беше најтешко“ -
Хрватската претседателка истакна дека со затворањето на Хашкиот трибунал е затворена и една страница на историјата и направен е чекор кон иднината на компромиси и решавање на проблемите. Грабар-Китаровиќ смета дека кога се во прашање злосторствата, делата на поединците не треба да бидат поистоветувани со одредена земја или народ.
Присетувајќи се на поддршката на Турција во времето на прогласување на независноста на Хрватска, Грабар-Китаровиќ нагласи: „Турција беше со Хрватска кога беше најтешко и кога имаше многу малку пријатели“.
Додаде дека Хрватска ќе продолжи да биде пријател на Турција во ЕУ и во НАТО.
Таа ја пофали улогата на Турција за решавањето на прашањето со сириските бегалски и потсети дека мигрантскиот бран во 2015 и почетокот на 2016 година ја зафати и Хрватска. Истакна дека договорот за реадмисија на бегалците кој го постигнаа Турција и ЕУ на 18 март 2016 година е важен за земјата.
Осврнувајќи се на односите со Турција, претседателката на Хрватска изјави дека постои потенцијал за подобрување на билатералните односи.
Грабар-Китаровиќ потсети на посетата на Ердоган на Загреб во 2016 година, во текот на која е разговарано за билатералната соработка. Истакна дека и на меѓународните состаноци имала можност да се состане со турскиот претседател.
„Сметам дека со претседателот Ердоган треба да одржиме повеќе слични состаноци за да разговараме за билатералните односи и да ја зајакнеме соработката на полето на економијата, образованието и културата“, истакна таа.
Нагласи дека меѓу важните прашања се наоѓаат и подрачјето на Југоисточна Европа, членството во ЕУ, мировниот процес на Блискиот Исток, последните случувања во земјите на Заливот и други прашања.
Хрватската претседателка воедно е и прва жена во историјата на НАТО која ја извршуваше должноста помошник генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија.
Според Грабар-Китаровиќ, да се биде жена во политиката е предност, бидејќи доаѓа од немнозинска група, алудирајќи на помалата застапеност на жените во политиката, има поинакви ставови што со самото тоа ја прави почувствителна кон потребите на другите малцинства.