Балкан

Граѓаните на Црна Гора бираат нов претседател

На денешните претседателски избори, седми по ред од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора, и трети од возобновувањето на независноста, учествуваат седум кандидати

Adel Omeragic  | 15.04.2018 - Обновена : 15.04.2018
Граѓаните на Црна Гора бираат нов претседател Adel Omeragic/АА

Podgorica

ПОДГОРИЦА (АА) - Во Црна Гора денеска се одржуваат претседателски избори, на кои граѓаните на земјата бираат наследник на досегашниот претседател Филип Вујановиќ. Oтворени се вкупно 1.214 избирачки места, а право на глас имаат 532.599 граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).

На денешните претседателски избори, седми по ред од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора, и трети од возобновувањето на независноста, учествуваат седум кандидати.

Прв на листата е кандидатот на Вистинска Црна Гора, Марко Милачиќ, а втор е Младен Бојаниќ, кандидат на опозициските партии Демократски фронт, Демократи, Социјалистичка народна партија и Граѓанското движење УРА.

Кандидатот на Партијата за правда и помирување (SPP), Хазбија Калач, се наоѓа на третото место на гласачкото ливче, четврти е стопанственикот Василиј Миличковиќ, а на петтото место е Добрило Дедеиќ, претставник на Српската коалиција. Шеста на изборната листа е кандидатката од Социјалдемократската партија (SDP), Драгиња Вуксановиќ, додека седми на листата е кандидатот од Демократската партија на социјалистите (DPS), Мило Ѓукановиќ.

Денешните избори ги надгледуваат над сто странски набљудувачи на ОБСЕ, како и повеќе од илјада набљудувачи на Центарот за мониторинг и истражување (CEMI) и Центарот за демократска транзиција (CDТ).

На првите непосредни претседателски избори во 1990 година во Црна Гора победи Момир Булатовиќ, но и на вторите одржани во 1992/93 година. Мило Ѓукановиќ победи на изборите во 1997 година. На претседателските избори во 2003, 2008 и 2013 година победи Филип Вујановиќ.

Претседателот на Црна Гора се избира на општи избори, непосредно и со тајно гласање, за мандат од пет години. За претседател на Црна Гора ќе биде избран кандидатот кој ќе добие повеќе од половината важечки гласови на избирачите кои гласале. Ако ниту еден кандидат не го добие тој број гласови, се одржува втор круг на избори за 14 дена.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.