Furkan Naci Top
08 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
АТИНА (АА) – Илјадници демонстранти протестираат во Атина, на генералниот штрајк против мерките за штедење, јавува Anadolu Agency (AA).
По повикот на Федерацијата на вработените во јавниот сектор (ADEDY), Конфедерацијата на работнички синдикати (GSEE) и Фронтот за работничка борба (PAME), околу 7 илјади луѓе ги преплавија улиците во Атина, марширајќи кон плоштадот „Синтагма“, каде што се наоѓа грчкиот Парламент.
Поголемиот дел од улиците беа затворени поради безбедносни причини, но протестот заврши без инциденти. Вакви слични протести се случија и во Солун и во некои други поголеми градови.
Во соопштенијата од синдикатите се вели дека мерките за штедење со години го осиромашуваат народот, и дека сега претставуваат закана за ерозија на работничките права.
Во рамките на преговорите, грчката Влада и кредиторите разговараат за реформи со кои ќе се олесни давањето отказ на вработените, како и за реформи што ќе ги ограничат колективните договори.
Во меѓувреме, буџетот за 2017 година со кој се предвидува да се зголемат даноците и да се скратат социјалните придонеси, ќе биде на гласање овој викенд.
СИРИЗА повика масовно да се присуствува на протестите против реформите на ММФ за пазарот на трудот.
Поради протестите на голем број работници од јавниот и од приватниот сектор, во многу дејности беа отежнати услугите.
Државните училишта се затворени, а во државните болници работат само итните центри, поради штрајкот на лекарите. И сообраќајот се одвива отежнато, поради тоа што јавниот превоз се одвива само во одредени временски периоди, а сите железнички линии се откажани.
Во меѓувреме, Федерацијата на грчките морнари (PNO) ги откажа сите морски патувања поради штрајкот што трае од минатиот петок. Поради ова, на многу острови има тешкотии да се дојде до основните прехрамбрени производи, како и до бензин.