Furkan Abdula
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Грција оствари средба со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, во Атина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На средбата соговорниците разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Хеленската Република, при што беше оценето дека официјалната посета на највисоко ниво означува важен момент во развојот на односите меѓу двете држави“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија.
Пендаровски оцени дека постои видно подобрување на билатералните односи меѓу двете држави по потпишувањето на Преспанскиот договор, со потенцијал за натамошно зајакнување на соработката во секое поле од заемен интерес.
На средбата Пендаровски истакна дека треба да се искористи целиот потенцијал и двете држави да градат вистинско стратешко партнерство.
„Соговорниците на средбата разговараа за можностите за натамошно зајакнување на економската соработка, при што беше изразено задоволство од трендот на зголемување на трговската размена. Претседателот Пендаровски изрази уверување дека економската соработка треба да биде темелот на односите меѓу двете држави, имајќи ги предвид придобивките за економиите на двете страни. Во таа насока, беше истакната потребата за натамошен развој на инфраструктурното поврзување меѓу двете држави“, се наведува во соопштението.
Пендаровски изрази благодарност за силната поддршка што Грција ја дава за аспирациите за членство на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), оценувајќи дека деблокадата на процесот ќе придонесе за стабилноста и напредокот на целиот регион.