Bedrudin Brljavac
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
САРАЕВО
Во Сараево, денес е реализирано промотивното возење со трамвајот „I feel Slovenia“, во рамките на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на Република Словенија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Промотивното возење со трамвајот организирано е за стопанствениците, претставниците на медиумите и членовите на словенечката заедница која живее во Сараево.
Амбасадорот на Република Словенија во Босна и Херцеговина, Дамјан Седар, истакна дека ова е само продолжение на промотивното возење, што за прв пат е организирано на 1 октомври 2021 година, на кое учествуваа амбасадорите и шефовите на мисиите
„Ова беше возење со нашите словенечки инвеститори од областа на стопанството во Босна и Херцеговина. За нас е многу важно да имаме соработка помеѓу Амбасадата и сите кои се присутни овде со цел одбележување на 30-годишнината од независноста на Република Словенија и второто претседавање на Словенија со Советот на Европската Унија. Исто така, утре во Словенија ќе се одржи многу значаен самит на Европската Унија (ЕУ) и земјите на Западен Балкан и на овој самит ќе се потврди европската иднина на земјите и ќе бидат договорени некои секторски мерки за унапредување на сите земји од регионот“, рече Седар.
Тој додаде дека промотивното возење со трамвајот „I feel Slovenia“ е со цел да се поддржи самитот што ќе се одржи на Брдо кај Крањ, и дека економската соработка помеѓу земјите во регионот е многу важна за иднината.
„Економската соработка во регионот е важна, бидејќи таа ќе продолжи и кога земјите ќе влезат во ЕУ. Повеќе размени, подобар животен стандард“, рече амбасадорот на Словенија.
Едип Галијатовиќ, претседателот на Управата на „Триглав осигурување“ во Сараево, изрази задоволство поради тоа што е еден од партнерите во организацијата на овој проект.
„'I feel Slovenia' е проект кој ќе донесе не само добри резултати за промоција на Република Словенија во Босна и Херцеговина, туку и за словенечките компании кои работат во БиХ. Вакви проекти се секогаш пожелни“, рече Галијатовиќ, кој потоа ја честиташе 30-годишнината од независноста на Република Словенија на сите граѓани на земјата.
Јуре Пељхан, членот на Управата на „НЛБ банка“, исто така еден од партнерите кои го поддржа проектот, потсети дека оваа банка е присутна околу 20 години во Босна и Херцеговина.
„Го подржуваме овој собир на амбасадите за поврзување на словенечките фирми и заедничка промоција и тука сме да растеме заедно како целосно стопанство во Босна и Херцеговина. Економската состојба е многу значајна поради минатото, бидејќи добро се знаеме. Нашите врски помеѓу Словенија и БиХ имаат многу долга традиција и мислам дека тоа е многу важно за идниот развој на нашите земји“, рече Пељхан.
Амбасадата на Република Словенија во петок, 1 октомври 2021 година, по повод одбележувањето на 30-годишнината од независноста на Република Словенија и второто претседавање на Република Словенија со Советот на ЕУ, започна тримесечна кампања „I feel Slovenia“ на трамвајот во Сараево и автобусите во Бања Лука, Тузла и Мостар. Ова воедно претставува и придонес од Словенечката амбасада за Европската недела на мобилност.
За успешна реализација на оваа промотивна кампања се исто така заслужни словенечките компании со седиште во БиХ: Петрол БХ Оил Компани ДОО, НЛБ банка АД Бања Лука, НЛБ банка ДД Сараево, Меркатор БХ ДОО, Триглав осигурување ДД, Триглав осигурување АД, Алпина БХ ДОО, ЈУБ ДОО и Крка ДД со претставништво во Сараево.
Промоциската кампања во четири градови во БиХ - Сараево, Бања Лука, Тузла и Мостар, ќе трае до крајот на оваа година.