Admir Fazlagic
27 Септември 2017•Ажурирај: 28 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот премиер на Република Турција и актуелен пратеник, Ахмет Давутоглу во рамките на неговата посета на Република Македонија се состана со претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев при што порачал дека иднината на Македонија е во НАТО, како и дека земјата е клучен фактор за стабилноста на Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што информираа од прес служба на Владата на Република Македонија Давутоглу му честитал на премиерот Заев за „стапувањето на должноста претседател на Владата на Република Македонија" и како што се наведува „за неговата рационалност за изнаоѓање мирно и стабилно решение за политичката криза, што резултираше со формирањето на новата реформска Влада."
Според соопштението од Владата, на средбата заеднички било констатирано дека членството на Република Македонија во НАТО ќе значи дополнителна стабилност на државата и отворање можности за инвеститорите, што ќе придонесе кон зголемување на стандардот на граѓаните и за раст на економијата во Македонија.
„Република Македонија веќе е успешна приказна, бидејќи прогресот е видлив, државата е клучен фактор за стабилноста на Балканот и продолжете да работите со енергичната посветеност на реформите, вашата иднина е во НАТО“, порачал поранешниот премиер на Република Турција и актуелен пратеник, Давутоглу, информираа од Владата.
Од Владата информираат дека на средбата се разговарало и за зголемениот интерес на турски бизнисмени за инвестирање во Македонија.
Од друга страна, премиерот Заев, на средбата истакнал дека Владата на Република Македонија е определена кон реформски процес значаен за квалитетен живот на граѓаните на Република Македонија, како и за интеграциите на земјата во ЕУ и во НАТО.
„Градиме политики на доверба во нашата држава, како и пријателства со соседите и на меѓународен план и очекуваме дека со сериозноста со којашто придонесуваме во демократските процеси во Македонија и пошироко, ги отвораме вратите на Македонија кон ЕУ и НАТО“, рече премиерот Заев, соопштуваат од владината прес служба.
Исто така, во соопштението се наведува дека премиерот Заев рекол дека пријателството помеѓу Република Македонија и Република Турција ќе продолжи да се развива низ демократски дух во економијата и во сите области значајни за граѓаните на двете земји.

По средбата со премиерот на Македонија Заев, поранешниот премиер на Република Турција и актуелн пратеник во Парламентот, Давутоглу, се состана со министерот без ресор во Владата на Република Македонија Аднан Ќахил.
Според најавеното, во рамките на посетата во Македонија, Давутоглу ќе се состане и со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, како и со лидерите на парламентарните политички партии.