АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на прес-конференцијата во Анкара по состанокот со турскиот колега Мевлут Чавушоглу, најави дека во следната туристичка сезона граѓаните на Србија би требало да можат да патуваат во Туркије со лични карти и обратно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дачиќ објасни дека за тоа е потребно Парламентот на Србија да го ратификува потпишаното надополнување на договорот за укинување на визите меѓу двете земји, што Парламентот на Туркије веќе го стори.
„Сигурен сум дека новата туристичка сезона ќе може да се одвива во согласност со овој договор“, рече Дачиќ.
Тој појасни дека личните крати се модернизирани и дека е невозможна каква било злоупотреба. Дачиќ истакна дека туристите од Србија во поголем број заминуваат во Туркије во летниот период, додека турските туристи ја посетуваат Србија во текот на целата година.
„Од Европската Унија имаме притисок да го укинеме безвизниот режим со Туркије. Да појаснам, од ЕУ имаме притисок повторно да се воведат визи за турските граѓани. Ние тој притисок го одбивме, бидејќи сметаме дека тоа, пред сѐ, не е во наш интерес, не само на Србија, туку и на Туркије, а мислам и на целиот регион и на Европа, и сметам дека сите заедно треба да вложиме максимални напори да ја спречиме злоупотребата на безвизниот режим во смисла на некои илегални миграции“, нагласи Дачиќ.
Говорејќи за односите на Туркије и Србија, Дачиќ рече дека ќе продолжат со развивањето на билатералните односи. Тој истакна дека билатералните односи меѓу двете земји се на историски максимум, како и дека станува збор за отворен пријателски однос со меѓусебна доверба.
Според Дачиќ, политичките односи, како и економските, се добри, иако смета дека би требало да бидат уште подобри.
„Едно е сигурно, а тоа е дека нашата економска соработка е во пораст и дека имаме цела низа инвестиции, вработување на голем број луѓе, дека станува збор за инфраструктурни проекти кои помагаат во развојот на одредени региони кај нас во Србија и во други делови на нашиот регион, особено кога станува збор за автопатот за Сараево и дека тука постои присуство и на финансиски капитал, банк и развојни агенции“, истакна Дачиќ.
Шефот на српската дипломатија додаде дека е забележан развој во културните, образовните и спортските области и сето останато.
„Во време на општа омраза, војна во светот, ние треба да бараме позитивни примери на нашата соработка. Мислам дека и Србија и Туркије сакаат да бидат конструктивен фактор на мирот и стабилноста. Наш интерес не е да бидеме на ниту една страна кога станува збор за некои судири и војни. Ние се залагаме за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на секоја земја членка на Обединетите нации“, рече Дачиќ.
Тој потсети дека Србија не се приклучила на санкциите кон Руската Федерација поради национални и државни интереси, како и поради економските интереси и соработка и проблемите што ги има со територијалниот интегритет и суверенитет, односно за прашањето за Косово.
„Тоа не значи дека нема да сториме сѐ за јасно да кажеме дека не го поддржуваме нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина и да помогнеме колку што можеме“, истакна Дачиќ.
Српскиот министер за надворешни работи додаде дека ќе го реши проблемот со претседавањето во Црноморската економска иницијатива, односно дека Србија ја прифатила иницијативата на Туркије да претседава во следните шест месеци.
Дачиќ рече дека станало збор и за регионот на Балканот.
„Ние би сакале и посакуваме Туркије да биде важен фактор на мирот и регионалната стабилност во нашиот регион, а тоа значи - наша молба е Туркије да го искористи своето влијание и кога е во прашање Приштина за да имаме конструктивен однос од страна на Приштина кога станува збор за примената на Приштинскиот договор, односно претходно постигнатите договори, за да можеме воопшто да разговараме за некои трајни политички решенија“, рече Дачиќ.
Во врска со палењето на Куранот во Шведска, Дачиќ одговори:
„Не можам да верувам дека таков инцидент се случи во земја која е дел од Западот. Тоа е голема трагедија.“
Потсетувајќи на војните што се водеа на подрачјето на поранешна Југославија, Дачиќ рече дека „не сум чул дека некаде некој запалил Куран или Библија“.
„Државата мора да води сметка за тоа какви последици предизвикува тоа“, порача Дачиќ и додаде дека таквиот чин може да предизвика само негативни последици и дестабилизација на светот.
news_share_descriptionsubscription_contact
