Husamedin Gina
22 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
СКОПЈЕ
Портпаролката на Државниот завод за статистика на Северна Македонија, Јасмина Ѓоргиева, истакна дека заклучно со утринава самопопишани се вкупно 121.580 државјани на Северна Македонија кои живеат или престојуваат во странство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски, и портпаролот на Државниот завод за статистика, Јасмина Ѓоргиева, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која се осврнаа на најновите детали од Пописот на населението, домаќинствата и становите, закажан за април оваа година.
Истакнувајќи дека за време на викендот нагло се зголемило самопопишувањето на граѓаните државјани на Република Северна Македонија, портпаролката Ѓоргиева истакна дека кампањата што се води во странство ги дава резултатите.
„Во последното деноноќие интересен податок е дека се попишани повеќе од 20 илјади граѓани државјани на Република Северна Македонија кои живеат или престојуваат во странство и вкупната бројка утринава е 121.580 државјани кои се самопопишале“, нагласи Ѓоргиева.
Портпаролката Ѓоргиева уште еднаш ги повика граѓаните да се самопопишат и дека тоа е многу едноставна процедура и лесно достапна, а податоците што се даваат се безбедни.
Во однос на главниот попис што ќе започне на 1 април, портпаролката Ѓоргиева рече дека викендот завршил дополнителниот конкурс за попишувачи и дека се пријавиле над 2.600 попишувачи, 800 повеќе од бројот потребен во одредени пописни реони.
Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски, истакна дека учеството во пописот е можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и на заедничката иднина.
„Правиме сè што е потребно за заштита на населението, имаме прецизни протоколи скроени за безбедно спроведување, подготвени сме за секој детаљ, за секоја ситуација и сите постапки течат непречено“, рече портпаролот Арсовски, додавајќи дека протоколот е изработен од страна на Комисијата за заразни болести.
Одговарајќи на новинарско прашање, портпаролката Ѓоргиева рече дека најмногу лица се попишани од Швајцарија, потоа следуваат Германија и Италија и дека тие земји предничат со самопопишани лица досега.
Во однос за повиците за бојкот на пописот, Ѓоргиева рече дека се сигурни дека кај населението ќе преовлада здравиот разум и чувството за потреба и итност да се спроведе пописот.
Портпаролот на Владата, Арсовски, одговарајќи на новинарското прашање „Дали признавањето на Косово од Шпанија е приоритет на Владата на Северна Македонија?“, рече дека за време на посетата на Бујар Османи на Шпанија централна тема на средбите била европското досие на Република Северна Македонија и поддршката на официјален Мадрид за европските интеграции на земјава.
Портпаролот на Владата исто така потсети дека Северна Македонија има добри односи со сите соседни држави.
На прашањето „Дали сè уште е опција одложување на пописот?, портпаролот Арсовски рече дека одложувањето апсолутно не е опција затоа што ова е широка операција на која се работи месеци наназад.