Admir Fazlagic
10 Февруари 2020•Ажурирај: 10 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Скопје оствари средба со Јоргос Папандреу, поранешен грчки премиер и актуелен претседател на Социјалистичка интернационала, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека посетата на Папандреу на Скопје е во рамките на неговата турнеја во земјите од Западен Балкан, со цел поддршка и зајакнување на евроинтегративниот процес на земјите од регионот.
Според соопштението, соговорниците го потенцирале историското значење на Договорот од Преспа со кој се потврдуваат заложбите за градење добрососедство, инклузивна соработка и конструктивни меѓусебни односи.
„Северна Македонија е вистински посветена на конструктивен дијалог со грчката Влада во градењето на меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во кој граѓаните на двете држави би сакале да живеат“, се вели во изјавата на министерот Димитров.
„Договорот има значително позитивно влијание врз билатералните и регионалните случувања во однос на зголемената економија, стабилност и просперитет. Неговото понатамошно спроведување се смета за голем чекор во нормализацијата на билатералните односи што ќе им овозможи на двете држави да го искористат целиот потенцијал на политичката и економската соработка“, истакнал Димитров.
Се додава и дека министерот Димитров ја истакнал „посветеноста и заложбите на пријателска Грција за остварување на европските и евроатлантските перспективи на Северна Македонија и уште еднаш укажал благодарност за грчката поддршка на последниот ЕУ-самит во Брисел и континуираните напори за отпочнување пристапни преговори со Европската Унија“.