Husamedın Gına
10 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, попладнево, во својот кабинет се сретна со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Дејан Жидан, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Дејан Жидан, пред зградата на Собранието на Северна Македонија, беше пречекан со високи државни и воени почести.
По пречекот, Талат Џафери и неговиот колега од Словенија, Дејан Жидан, имаа тет-а-тет средба и средба во поширок состав на делегации.
По средбите, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, и претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Дејан Жидан, одржаа заедничка прес-конференција.
Џафери истакна дека на средбата ја споделил констатацијата дека честите заемни посети ги рефлектираат односите на двете земји, што се темелат на искрено пријателство, меѓусебно разбирање и поддршка.
„Во иднина, имајќи предвид дека Словенија е петти најголем инвеститор во земјата, останува да ја интензивираме уште повеќе оваа децениска одлична соработка и да го искористиме големиот потенцијал во повеќе области, како што се економијата, земјоделието, енергетиката, индустријата, животната средина, образованието, културата и другите области од заемен интерес за двете земји“, нагласи Талат Џафери.
„Секако, нашата сè поголема дијаспора во Словенија“, како што рече Џафери, „може да служи како мост во реализацијата на дел од целите на таквата соработка.“
Претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Дејан Жидан потсети дека пред една година на 12 февруари Словенија како прва држава го ратификувала Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
Истакнувајќи дека утре ќе биде потпишана техничка спогодба помеѓу Словенија и Северна Македонија за 2020 и 2021 година, Жидан рече дека голем број млади ќе можат да студираат во Словенија.
„Таа спогодба е важна за многу подрачја, но јас лично најмногу се радувам што ја покрива областа образование, и тоа значи дека многу македонски млади луѓе ќе имаат прилика да студираат во Словенија“, рече Жидан, додавајќи дека во овој момент во Словенија студираат околу 1000 студенти од Северна Македонија, кои понатаму ќе претставуваат многу важен мост помеѓу двете држави.
Одговарајќи на новинарското прашање за тоа кога ќе биде распуштен Парламентот, Џафери рече дека се обратил до Државната изборна комисија, од каде што добил одговор дека распуштањето треба да биде 55 дена пред изборите, што значи дека Парламентот би можел да се распушти најдоцна до 16 февруари.