АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Словенија, Мирослав Церар, во врска со утрешната официјална посета на Анкара, одговараше на прашањата на новинарот на АА. „Големо внимание им придаваме на традиционално добрите и пријателски односи што ги имаме со Турција“, рече Церар, потенцирајќи дека цврста основа за соработката меѓу Словенија и Турција претставува документот за стратешко партнерство потпишан меѓу двете земји во март 2011 година, пишува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Церар истакна дека целта на Словенија е интензивирање на односите со Турција и додаде: „Постојат голем број можности со кои може да се зацврсти нашата и онака добра соработка, особено на економско поле. Посетата има и економски димензии, како што е средба со деловната заедница.“
Церар наведе дека сакаат трговијата, што последните години е во подем, да расте урамнотежено. Тој истакна дека турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, секоја година како редовен гостин учествува на Стратешкиот форум на Блед, додавајќи: „Сега, со цел продлабочување на нашите врски, време е за посета на Турција и таа чест ми припадна мене.“
Потсетувајќи дека тендерот за проширувањето на тунелот Каванка меѓу Словенија и Австрија го добила турска компанија и на натпреварувањето на турските компании за проектот на железничката пруга Копер - Дивача, Церар рече: „Расте интересот на турските компании за големите инфрастуктурни проекти што ќе започнат во Словенија во блиска иднина. Словенија е отворена за конкурентните понуди на турските компании.“
Истакнувајќи ја поддршката за членството на Турција во ЕУ, Церар рече: „Словенија е против затворањето на вратата која ја води Турција кон ЕУ“, продолжувајќи со зборовите:
„Статусот на земја кандидат не може да се споредува со земјите кои не се членки на ЕУ или трети земји со кои се склучени партнерства. Сепак, заедно со овој специјален и привилегиран статус со ЕУ не доаѓаат само придобивки, туку и обврски. Потребно е земјите кандидати да имаат поразлични заслуги од третите земји. Очекувањата на земјите членки на ЕУ од земјите кандидати автоматски се зголемуваат, бидејќи нив ги гледаат како идни членови на клубот. Потребно е да се почитуваат основните вредности на ЕУ и сите реформи да се спроведуваат соодветно на тоа.
Сметам дека во процесот на пристап не треба да се размислува на моменталната стагнација како на ослабување на односите. ЕУ и Турција се природни и стратешки партнери. Во тие рамки, од многу големо значење е развивање отворен дијалог и продлабочување на соработката. Тука треба да се размислува на проширувањето на соработката и активностите за градење доверба, но воедно тоа не треба да биде замена за процесот на пристапување.“
Зборувајќи дека ЕУ се соочува со внатрешни потешкотии во постигнувањето консензус по прашањето за проширувањето на ЕУ, Церар истакна: „Потребно е земјите кандидати на сопствен начин да напредуваат во процесот на реформи, за да бидат подготвени кога ќе добијат можност да станат членка. Истите реформи во исто време се од корист за нивните државјани. Потребни се позитивни приказни за да се оспорат идеите на оние што се дистанцираат од проширувањето на ЕУ.“
Истакнувајќи дека втората половина од идната година е период кога Словенија ќе го преземе претседавањето со ЕУ, Церар рече дека примарни теми ќе бидат владеењето на правото, одржливиот развој и безбедноста и додаде: „Ќе продолжиме да ја поддржуваме кандидатурата на Турција за членство во ЕУ.“
Церар рече дека ЕУ сака да ја нагласи посветеноста на земјите од Западен Балкан кои напредуваат на патот кон Европа. Во врска со членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ и блокадата од страна на Франција за започнувањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Церар го кажа следното:
„Словенија е моќен поддржувач на процесот за проширување на ЕУ и верува во европската перспектива на Западен Балкан. Верувам дека клучот за постојан напредок и стабилност на регионот е напредок кој води директно кон ЕУ. Активностите и поддршката што ја дава Словенија не се однесуваат само на процесот на интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, туку тоа во исто време се должи на верувањето за зајакнување на ЕУ и продолжување на реформите. Западен Балкан како регион е дел од Европа и е обиколен со земји членки на ЕУ.
Покрај тоа, не постои разумна алтернатива за регионот освен перспективата во ЕУ. Претходно нагласив колку е тешко да се постигне внатрешен консензус за проширување на ЕУ. Во исто време би сакал да кажам дека е можно да се постигне успех во проширувањето. Можно е да има одредени измени во методологијата на проширувањето при одредени подобрувања во самиот процес. Ние го браниме ставот дека е потребно во рамките на ЕУ да се донесе одлука за започнување на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија. И двете земји ги исполнија условите за започнување на преговорите. Покрај тоа, Северна Македонија го направи и историскиот Преспански договор со кој го смени името на државата. ЕУ треба да даде одговор на ова.“
news_share_descriptionsubscription_contact
