Admir Fazlagic
11 Јануари 2018•Ажурирај: 12 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Министерството за надворешни работи на Република Македонија се одржа вториот состанок на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАЅ) предводена од заменик генералниот секретар на ЕЕАЅ, Жан-Кристоф Белард со политичките директори на земјите од Западен Балкан (WB6), пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија, дискусиите на состанокот беа фокусирани на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, прашања поврзани со Источното партнерство на Европската унија, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, како и актуелната ситуација и развојот на настани во регионот и пошироко.
„Државниот секретар на Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски ја поздрави сеопфатната досегашна посветеност на Европската унија во Република Македонија и во поширокиот регион, подвлекувајќи го очекувањето оваа посветеност да се круниса со завршен процес на интеграцијата на Балканот во Европската унија", се вели во соопштението.
Во овој контекст, Димовски ги реафирмирал конкретните на чекори на Владата на Република Македонија во изминатата година на внатрешен и надворешно политички план и информирал за претстојните активности во тековната 2018 година за интеграцијата на нашата земја во Европската унија.
Воедно, државниот секретар Димвски ја реафирмирал заложбата за усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, како и интересот за интеграција на македонскиот енергетски сектор во регионалниот и европскиот пазар, велат од Министерството за надворешни работи на Република Македонија.